Што знае вештачка интелигенција што е авторско право

Автори, креатори и медиумски величини како што е Њујорк тајмс веќе ја тужат вештачката интелигенција дека бесправно го користи нивниот труд заштитен со авторски права, за после да им се курчи на луѓе колку е паметна. ОпенАИ признава дека е така ама замолува авторските содржини да можат да се користат бесплатно барем за обука.

Компанијата за вештачка интелигенција OpenAI - моментално проценета на 80 милијарди долари - му соопшти на британскиот парламент дека нејзиниот производ за генерирање содржини, ЧетГПТ, не може да постои без бесплатно користење на човечки дела кои повлекуваат авторски права.

Забелешките на компанијата биле доставени до поткомитетот на Домот на лордовите кој разгледува

можни промени во законот за вештачка интелигенција и авторските права поради жестоките реакции од писателите и креаторите.

„Би било невозможно да се обучуваат денешните модели на вештачка интелигенција без користење материјали заштитени со авторски права... Ограничување само на она што е на јавен домен, создадено пред повеќе од еден век, не би ги задоволило потребите на денешните граѓани“, пишува ОпенАИ.

Тие се надеваат законските решенија за авторски права нема да важат и за обука на нивните системи.

ОпенАИ веќе се соочува со сериозни тужби од друштва на автори, како и од весникот Њујорк Тајмс кој ги тужи за „масовно кршење на авторските права, комерцијална експлоатација и злоупотреба“ на нивниот труд.

11 јануари 2024 - 15:49