Ренесанса на студентскиот активизам

Иако протестите во кампусите на американските универзитети изгледаат како изолирани случаи, моменталната атмосфера во нив на многу 68-маши им изгледа како онаа во нивно време.

Само во текот на зимскиот семестар 2014 во САД имало најмалку 160 студентски протести. „Со сигурност може да се каже дека студентското движење доживува процут", вели Ангус Џонстон, професор по историја на City University во Њујорк, кој го истражува студентскиот активизам. Притоа, тој ги посочува медиумите како можни промотори на протестите, кои ги поттикнуваат со самото тоа што известуваат за нив. Целата моментална атмосфера него го потсетува на средината на 60-тите, кога постоела многу голема енергија и ентузијазам, но истовремено и многу разочарување и фрустрација околу начинот на коишто стојат работите, и на универзитетите, и во земјата.

Џонстон води сајт којшто претставува модерна хронологија на студентските протести во САД, со детални мапи за локацијата и темата на овие демонстрации. Таа покажува дека неодамнешните студентски немири се фокусирани на расизмот и на политичкото насилство, и дека сите се во источниот дел од земјата. Половина од 160-те протести се поделени на две теми: сексизам /  сексуално малтретирање и универзитетско раководење/студентски права. Сепак, има и случаи кога протестите се однесуваат на пошироки национални прашања, гледани низ призмата на политиките на универзитетот. Притоа, тој - универзитетот - е доволно голем за да има значење, но премногу мал за да биде влијателен. Сепак, тој е добро место за процут на овие движења, затоа што нуди можности за собирање и организација на кампусите, нешто што вон ваквата заедница е потешко да се постигне.

Младите американски студенти често се карактеризираат како апатични и политички игнорантни. И точно е дека гласаат во многу мал број, но некои велат дека тоа е затоа што не веруваат дека изборите нешто менуваат. Тие сметаат дека активизмот е поефикасен начин на поттикнување промена, особено ако промената којашто ја бараат нема голема врска со тесно сфатената политика. Неодамна цела генерација на Универзитетот Јужна Калифорнија се откажа од студирање, во знак на протест заради промените во наставната програма и начинот на студирање. Група студенти на Универзитетот Туфтс пак одбивала да јаде пет дена како протест заради одлуката на администраторите да отпушти 20 чистачи.

Студентите понекогаш демонстрираат не затоа што имаат, туку затоа што немаат политичка моќ или во име на оние кои се во иста ситуација како нив. На овој начин сакаат да го привлечат вниманието на оние кои се политички моќни, и да го убедат во исправноста на нивната кауза.

Ваквата ситуација сепак не е ограничена на САД. Илјадници студенти и професори демонстрираа во Чиле минатиот месец заради образовните реформи, при што имаше и две жртви.  И ние имавме, и се уште имаме студентски протести, кои покажаа дека студентите можат да бидат сериозен играч во политичките промени. Она што сепак е заедничко за студентските протести, без оглед каде се одвиваат, е чувството дека им е одземена иднината којашто им била ветена.

4 јуни 2015 - 15:54