Поранешен СС војник обвинет за говор на омраза

Вон сите очекувања Германец обвинет за учество во егзекуција на над 80 селани во Франција во 1944, целиот овој период тајно да ти бил негатор на Холокаустот.

Човекот кој за германските медиуми призна дека бил дел од СС единицата што во април 1944 масакрира 86 селани во северна Франција, изјави дека тој не застрелал ниту една од жртвите (меѓу кои имало 15-годишни деца).

Откако објаснува дека во основа само гледал и ги носел селаните на стрелање, ама не пукал, стариот СС-овец изјавува дека 86-ге селани сами биле виновни за својата смрт (на масакрот му претходи диверзија на железницата во близина на Лил во која излетува и вагон со 50 нацистички војници, од кои никој не е посериозно повреден).

Минатата година 95-годишниот Карл Мунтер во интервју се отвори и околу Холокаустот, негирајќи ги бројките околу едно од најголемите злосторства на човештвото, изјавувајќи:

„Во тоа време немаше милиони Евреи, тоа веќе е докажано. Пред некое време некаде прочитав дека бројот што се споменува не е точен.“

На Мунтер во интервјуто му местат и пенал за колку толку да се искупи за тоа што го направил и кажал, па го прашуваат дали воопшто жали за било што (околу масакрот), на што тој одговара:

„Не, ни најмалку. Што има да ми е жал? Јас не испукав ни куршум.“

Иако Мунтер на времето се извади за своето учество во масакрот (во Франција осуден е на смрт во отсуство, ама после помилуван како дел од помирувањето меѓу Франција и Германија) сега тој заврши пред суд за нарушување на сеќавањето на жртвите од масакрот (говор на омраза) и негирање на Холокаустот. Доколку е осуден стариот може да добие 5 години затворска казна.

26 јули 2019 - 12:40