Оланд забрани мобилки на седница на Влада

Како што каубојците на времето ги оставаа пиштолите пред да влезат во салун, така и француските министри пред седница на Влада ќе мора да ги одложуваат своите мобилни апарати. Така вика шерифот.

За да ги натера министрите од својот кабинет да се слушаат меѓусебе, францускиот претседател Франсоа Оланд донесе одлука на седница да биде забрането носење мобилни телефони и други уреди.

"Сите мора да бидат фокусирани на важните проблеми на земјата и оваа одлука е само заради обезбедување на потребното внимание," изјави владиниот портпарол Стефан Ле Фол.

"Секој од нас што е присутен на седница ќе мора да слуша што се зборува а внимаенито да не му биде одвлечено од тој фасцинантен апарат", изјави Фол кој запрашан дали и Оланд го оставил својот мобилен пред врата, изјави: "Искрено, тоа не го проверив".

Екипата на Оланд е прилично непопуларна со оглед на неуспехот побрзо да ја оживее стагнантната француска економија. Во обид да го адресира таквото незадоволство, Оланд минатата недела го назначи енергичниот Мануел Валс, дотогашен министер за внатрешни работи, за премиер на Франција.

10 април 2014 - 15:08