Чистката на Путин

Кога паѓаат генерали и министри

Една од ретките работи околу кои се согласуваат Путин и остатокот од меѓународната заедница е дека Русија има проблем со системска корупција. Во 2012, пред избори тој вети крупни државни реформи против корупцијата. На година и пол пред следните претседателски избори, Путин почна со ловот на „крупен дивеч“.

Периодов тројца високи руски функционери се сменети и притворени заради проневера на државни пари. Едниот е генерал на ФСО (Федерална служба за заштита) и началник за Кавказ, Генадиј Лопирев, кој е уапсен заради земање поткуп од "исклучително големи размери". ФСО е службата која ги обезбедува највисоките руски функционери, а Лопирев како нејзин началник беше надлежен за јавните набавки во Сочи и околниот регион за време на организирањето на Олимпијадата. Наводно Лопирев земал пари од директорите на неколку градежни компании за "заштита при преговарање и потпишување на договори за јавни набавки". Лопирев се сомничи дека земал мито од над една милијарда рубљи, или 14,4 милиони евра.

Кога беше објавена веста за апсењето на Лопирев, јавноста помалку беше изненадена од тоа дека тој земал поткуп, отколку од тоа дека е уапсен генерал на безбедносни служби, за кои до сега се веруваше дека се недопирливи.

"ФСО е затворена структура, а неодамнешните настани јасно покажуваат дека врвот одлучил сериозно да го анализира однесувањето на функционерите во Русија. Генералскиот чин многу значи, а човекот што ќе го добие него по дефиниција е доверлив и докажан. Апсењето висок функционер всушност ја дискредитира целата агенција, а тоа неизбежно отвора многу прашања," објаснил првиот јавен обвинител на Русија (1991-1993), Валентин Степанков.

Притворот на Лопирев е резултат на истрагата на внатрешната контрола на ФСО започната по наредба на генералот Дмитри Кончев, кој во мај годинава е именуван за началник на ФСО. Претходно Кончев беше вработен во истата служба како началник задолжен за безбедноста на Путин. Според Дмитри Песков, портпаролот на Путин, рускиот претседател бил лично информиран за деталите од истрагата.

"Со други зборови зад оваа истрага стои лично претседателот на Русија, што глатко се вклопува во приказната од септември, кога дознавме дека Путин планира да го централизира системот на безбедносни служби во земјата и да создаде орган налик некогашното КГБ, а со тоа да спроведе и кадровска смена на генерации, и да го исчисти општеството од корупција," пишува во анализата на хрватски Адвенс.

Една недела пред Лопирев, во Москва е уапсен министерот за економски развој Алексеј Уљукајев под сомнеж дека земал мито од 2 милиони долари, што исто така е квалификувано како корупција од "исклучително крупни размери". Министерот е уапсен пред неговата канцеларија од агенти на ФСБ, а судот му одреди домашен притвор до 15 јануари 2017.

Уљукајев е осомничен за обид за приватизирање на дел од државниот удел во "Роснефт" наспроти одлуката на владата, по што државата би ја изгубила мнозинската сопственост во компанијата. Државата моментално располага со 69,5% од акциите, што по трансакцијата за која министерот добил мито, ќе паднела на помалку од 50%. По одлуката на судот за притвор, Путин веднаш го отпушти министерот наведувајќи "губење доверба" во него. Доколку биде прогласен за виновен Уљукајев го чекаат 8 до 15 години затвор.

Третиот функционер што овој ноември беше цел на истрага е директорот на Руските пошти, Дмитри Страшнов. Делото за кое тој се сомничи е од 2014, кога наводно сам на себе си исплатил 95,4 милиони рубљи (1,34 милиони евра). Во обвинението против него се наведува дек Министерството за комуникации не ја усогласило со владата одлуката на Страшнов да му се исплати милионски бонус, пари што тој и покрај тоа си ги уплатил на самиот себе. Според закон од 1994, раководителите на јавни служби имаат право на бонус во износ од 8% од добивката на државната компанија. Според финансискиот извештај на поштата, Страшнов требало да си исплати на себе некаде околу 3,2 милиони рубљи.

По апсењето на министерот Уљукајев, независниот Левада центар спроведе анкета на јавното мислење. Во резултатите од анкетата рејтингот на Путин беше на рекордни 86%.

"Се додека со 300 рубљи (4,5 евра) може да се подмити чуварот на паркингот на Думата и таму да се остави кола во петок навечер, на Русија не и се пишува добро и Путин тоа го знае. Бидејќи државата не тргна во пресметка со корупцијата од чувари на паркинг, туку од министри и генерали, тоа остава впечаток дека борбата е сериозна, а во исто време на Путин му расте популарноста меѓу народот. Изгледа дека тој повторно се постави во вин-вин ситуација во која не може да изгуби," пишува во анализата.