Клучот за масовните убијци е во самоубијците

Детално проучувајќи биографии на 180 лица кои извршиле масовни пукања и убиства уште од 1966 година, истражувачи дошле до фрапантни сличности меѓу тие луѓе, сознание за кое сметаат дека може да помогне да се заузда овој автохтон американски проблем. Само кога политичарите би слушале.

После секое масовно убиство во училиште во САД, таму одново се покренува таа па таа дебата како овој проблем да се реши при што се нудат некогаш разумни решенија (да се зголеми контролата кој и како може да дојде до оружје) а некогаш јако глупи (на учениците да им се делат непробојни ќебиња).

Психологот Џилијан Питерсон и социологот Џејмс Денсли кои имаат книга на оваа тема, во интервју за Политико велат дека „масовните пукања се социјално заразни појави“ па не е изненадување кога еден таков, масовно медиумски покриен инцидент, ќе предизвика или барем тригерира друг. 

Профилот на типичен масовен пукач почнува со некоја рана траума или злоупотреба која води кон очај, изолирање и само-омраза. Тоа се предупредувачки знаци и за самоубиство, само што оние кои подоцна ќе станат масовни пукачи успеваат омразата да ја пренасочат кон надвор.

Истовремено, кај таквите постои и желба да бидат „озлогласени“ и не планираат да го преживеат делото.

Професорите се согласуваат со вообичаените републикански поенти дека менталното здравје е суштина на проблемот, но не постои сериозна дебата за тоа што точно значи тоа. Демократите пак, биваат обвинувани дека го избегнуваат проблемот со менталното здравје фокусирајќи се на контролата на оружјето.

„Комплексна е работата. Мора да се прават повеќе работи истовремено“, вели Денсли.

Тој порачува дека треба да се работи на создавање робусен систем во школите за контрола на менталното здравје кој ќе може да ги идентификува и да им помогне на децата во криза.

Тажно е што дел од тие убијци претходно се обиделе да побараат помош или да алармираат дека имаат проблем кој не ги води кон добро. Само што заедницата, системот и институциите затаиле.

Еден од нив дури и свртел телефон на ментална институција непосредно пред да реши да отвори оган и да потепа сè што е пред него.

Не ги добил на телефон.

7 јуни 2022 - 12:55