Во пресрет на Оскарите

Вистинскиот Далас Бајерс Клаб

Филмот со непрепознатливо добриот Метју МекКонахи е номиниран во шест категории, меѓу другото за најдобар филм, главна и споредна улога. Не знаеме што од ова ќе добие вечерва, но и без статуетката неговата приказна е фасцинантна. Прв, пред цели дваесет години, ја забележал еден новинар.

Беа потребни две децении за приказната на електричарот од Тексас, болен од сида, кој шверцува недозволени лекарства од Мексико во САД пркосејќи ѝ на судбината и на фармацевстката индустрија, да стигне до Холивуд. Сè почнало летото 1992, кога Бил Минутаљо, новинар за Далас Морнинг Њус, наишол на статија во врска со пациенти болни од сида кои им плаќале на локални шверцери да им обезбедат лекови кои не се одбрени од Агенцијата за лекови и храна на САД. По трагата на веста, тој наишол на Рон Вудраф, жилав мустаклија, пис на јазик, кој отворил ваков „клуб на купувачи" во Далас.

Тој самиот пренесувал илјадници апчиња преку мексиканската граница, за што инсталирал дури и специјални амортизери на неговата канта од автомобил за да ја издржи тежината, а кои еднаш му откажале токму кога бил испрашуван на границата. Друг пат потплатил јапонски биохемичар со 500 долари и неколку пијачки за овој да му даде име на доктор кој би можел да му обезбеди десетина ампули интерферон, кои потоа ги пренел преку царина во акт ташна полна сув мраз. Сите овие анегдоти влегле во текстот на Минутаљо под наслов „Купување време", и тоа бил првиот профил на Вудроф во медиумите.

Наскоро по објавувањето на текстот сценаристот Крег Бортен дошол во Далас и поминал три дена разговарајќи со Рон. Врз основа на нивните разговори тој го напишал сценариото кое, како што неодамна напиша Лос Анѓелес Тајмс, во меѓувреме ќе стане „легендарно" според времето кое било потребно да се сними. Било преговарано со Бред Пит, Рајан Гослинг и Денис Хопер, направени се и пропаднале бројни финансиски планови, две студија се откажале, а писателот бил толку исфрустриран од постојаното одбивање што самиот западнал во зависности.

Минутаљо во меѓувреме ја продолжил кариерата пишувајќи книги за Џорџ В. Буш и убиството на ЏФК, предавајќи новинарство на Универзитетот Тексас во Остин. Во неодамнешно интервју за Daily Beast тој се сеќава на првата средба со Рон, кого го нарекува „фасцинантна појава во американската историја", восхитувајќи му се на неговата желба да поживее, но и да им го овозможи тоа и на другите болни.

Иако за власта бил криминалец, бидејќи во основа се занимавал со нелегален бизнис, тој воопшто не се криел, туку клубот го лоцирал речиси во центарот на Далас, на петстотини метри од облакодерите. Наспроти очекувањата на новинарот дека ќе се сретне со некого кој личи на моторџија, Рон бил во одело, со бела кошула, манжетни и машна, со густи и средени мустаќи. Личел на сосема обичен човек, кој соочен со екстремни животни околности едноставно морал да ги земе работите во свои раце. Корумпираното американско здравство манипулирало со болните како него, тестирајќи врз нив лекови за кои се знаело дека не само што не помагаат, туку дури и ја влошуваат нивната ситуација.

Интересно е дека новинарската статија изглегла во август 1992, а Рон починал при крајот на септември. Па сепак Минутаљо не можел да познае дека се работи за човек кој е на смртна постела - тој бил многу енергичен и многу лут, на судбината и на системот. Но токму тоа сознание, дека часовникот му отчукува, веројатно и довело до тоа да биде толку отворен пред новинарскиот диктафон. Наспроти некои индикации во филмот, Рон не бил хомофоб (сидата ја добил од незаштитен секс со проститутки) - едноставно бил бизнисмен кому му биле потребни муштерии за да си ги плаќа патувањата и врските, и да се одржува во живот, па барем од таа практична гледна точка ваквиот став би му бил неразумен.

Минутаљо едно време слушал гласини дека е можно да се снима филм за Вудраф, но никој не го контактирал. Дознал дека тој е веќе снимен кога во кино пред проекција на „Гравитација", на која отишол со синот, вчудоневиден видел најава за него. Иако уште не го гледал, смета дека МекКонахи е добар избор за улогата бидејќи му лежи да игра некого од Тексас.

Филмот открива многу повеќе за карактерот на Рон отколку што тоа го направил вистинскиот лик, кој бил прилично таинствен и во врска со болеста, и во врска со неговото минато. Сепак, останува фактот дека Минутаљо е првиот кој забележал дел од неговиот живот и личност на хартија.

2 март 2014 - 18:14