Големиот италијански грев

Италијанските власти затворија фабрика за моцарела, а 13 лица се уапсени затоа што: А. откриено е дека фабриката служела како параван за пакување дрога, Б. затоа што во неа се фатени како работат малолетни деца, В. затоа што направиле пратка лоша моцарела. Избери едно.

Точен одговор е под В, а гревот на производителот е што локалното млеко од бивол за производство на моцарела, го разредувал со поевтино увозно кравјо млеко. (Разликата меѓу двете е во вкусот, изгледот, густината, односот холестерол - масти и квалитетот, во корист на млекото од бивол.) Моцарелата во Италија е заштитена како производ, и мора да се произведува според доста конкретни стандарди и услови.

Освен криминалот со моцарелата, властите откриле и дека сирењето произведено во фабриката во близина на градот Казерта, содржело 20 пати повеќе бактерии од дозволеното. Меѓу уапсените се и двајца ветеринари кои работат во државната инспекција и кои ги предупредиле сопствениците на фабриката за претстојната инспекција.

Инаку целата истрага започнала кога еден работник изгубил неколку прсти на раката заради пропусти во безбедноста на работа во фабриката.

16 мај 2014 - 16:35