Дали брадата некогаш ќе те стопли?

Аргументот за носење брада зимно време е дека ти држи топло на лицето, а уште поголем ефект има ако е во комплет со џигерица па комплетно да си забарикадиран (п.с. и за летно време имаме аргумент).

Во 1854-та Томас Говинг во книгата Филозофија на бради, тврди дека една од функциите на брадите е да ги заштити од студ некои од најчувствителните делови од нашето тело.

Од тогаш науката ова го потврдува повеќе пати. Во 2012-та кинеска студија ја мери топлината на горната усна (на која има бркови) и ја споредува со топлината на горниот дел од образите кои не се покриени со брада. Нормално, покриениот дел е потопол.

Сега дел од научниците тврдат дека брадите се премногу успешни во својата работа, па според психологот Мишел Кабано постои шанса (ама многу, многу мала) брадата да го прегрее мозокот. Неговата хипотеза е дека еволуцијата сакајќи да компензира за ова, почнува да развива наследна машка ќелавост.

Тој верува дека немањето коса дозволува вентилација, која надоместува за топлината од брадата. Човекот цели 10 години истражува 39 мажи и заклучува дека оние на кои брадата им завршува повисоко на образите имале поголема веројатност за ќелавост.

Искуствата се дека по одредена точка имаш повеќе зијан отколку корист од брадата во однос на греењето. Поларниот истражувач Ерик Лорсен објаснува "гледам да се бричам колку можам почесто, бидејќи се губи бенефитот од имање брада заради сета енергија што е потребна за топење на мразот што се зафаќа на нејзе."

11 март 2016 - 10:52