Џорџ Орвел

Зошто луѓето презираат просјаци?

Потребно е да се каже нешто за општествената позиција на просјаците, бидејќи кога еднаш човек ќе ги запознае, и ќе сфати дека тие се сосема обични човечки суштества, тој не може а да не се чуди на необичниот став којшто општеството го зазема кон нив.

Луѓето изгледа мислат дека постои некаква суштинска разлика помеѓу просјаците и обичните „работници". Тие се одделна раса, изгнаници, како криминалците и проститутките. Работниците „работат", просјаците не „работат", тие се паразити, бескорисни по самата нивна природа. Се зема здраво за готово дека просјакот не заработува за живот, како што тоа го прави некој ѕидар или книжевен критичар. Тој е едноставно општествен чир, толериран затоа што живееме во хумано доба, но во суштина е презрен.

Сепак, ако се погледне одблиску, не постои суштинска разлика помеѓу начинот на живот на еден просјак и оној на безбројни почитувани граѓани. Се вели дека просјаците не работат, но од друга страна што е тоа „работа"? Еден градежен работник работи со тоа што замавнува со копачот. Еден сметководител работи со тоа што собира цифри. Просјакот пак работи со тоа што стои пред врата на секакви временски прилики и добива попуштени вени, хроничен бронхит итн. Тоа е занимање како и секој друг, секако прилично бескорисно, но и други занимања се прилично бескорисни. Како социјален тип просјакот може да излезе и подобар во однос на останатите. Тој е чесен во споредба со продавачите на поголемиот број патентирани лекарства, софистициран спореден со еден сопственик на неделен весник, пријателски настроен во споредба со некој којшто дава роба на кредит - накратко, паразит, но прилично бескорисен паразит. Тој едвај преживува во општеството и, она што би требало да го оправда според нашите етички идеи, тој плаќа за истото одново и одново со страдање. Не мислам дека има нешто во врска со просјакот кој го одделува во различна класа од другите луѓе, или што им дава право на модерните луѓе да го презираат.

Оттаму се поставува прашањето - зошто просјаците се презрени, бидејќи се, универзално гледано. Верувам дека тоа е заради едноставната причина што тие не успеваат да заработат за достоинствен живот. Всушност никој не се секира дали одредена работа е корисна или бескорисна, продуктивна или паразитска; единственото што се бара е да биде профитабилна. Во сите модерни дискусии за енергија, ефикасност, социјални сервиси и останатото, нема друга поента освен „Земи ги парите, добиј ги на легален начин, и земи многу од нив". Парите станаа големиот тест на доблеста. Тој тест просјаците не го минуваат, и затоа се презрени. Ако некој би можел да заработи барем десет фунти неделно со просјачење, тоа веднаш би станало почитувана професија. Просјакот, реалистично гледано, е едноставно бизнисмен, кој заработува за живот како и другите бизнисмени, на начин кој стои на располагање. Тој, во споредба со повеќето модерни луѓе, ја нема продадено неговата чест; тој само ја има направено грешката на одбирање професија во која е невозможно да станеш богат.

Извадок од првата книга на Орвел, Down and Out in Paris and London (1933)

25 јуни 2015 - 17:06