Трагедијата на египетската Арапска пролет

На 11 февруари 2011 по 18 денови протести, генералот Хосни Мубарак, египетскиот диктатор кој владееше три децении, беше присилен да ја предаде власта. Илјадниците луѓе што се собраа на плоштадот Тахрир, кој беше центарот на египетската Арапска пролет, беа пресреќни. Сепак, десет години подоцна, режимот изгледа посилен од кога и да е.

Секако, Мубарак одамна го нема. Меѓутоа на неговото место е претседателот Абдел Фатах ел-Сиси. Како и Мубарак и тој е поранешен генерал. И како и Мубарак и тој е на чело на огромен државен репресивен апаратус - одговорен за затворање и исчезнување на некои 60.000 политички затвореници, спроведување масакри и наметнување лепеза од репресивни мерки, од закони за „лажни вести“ до масовен надзор, и сето тоа под закрила на бесконечната „вонредна состојба“. Како што еден поранешен демонстрант изјави за Си-би-ес „никогаш не би ни помислил дека за 10 години во Египет ќе има помалку слобода отколку под Мубарак.“

Дури и Тахрир, кој на повеќе начини беше симболичниот центар на Арапската пролет, сега е сведоштво за нејзиниот неуспех. „Личи на воен гарнизон патролиран од полиција во цивилка. Ги има повеќе отколку цивили. Ќе ги приметиш по изгледот: бркови и светкави чевли. Заканата е константна,“ ќе изјави активист на Ле Монд дипломатик.

Египет денес, според ова, претставува стравично вртење од ветувањето од пред 10 години. Ова го поставува прашањето: Зошто надежта за „Леб, слобода и достоинство“ како што беше испишано на неброени транспаренти пред една деценија, се претвори во пепел? Што се случи со поконкретните барања за фер избори. слобода на говор и собирање, и крајот на авторитарното владеење? Зошто, на кратко, египетската револуција кулминираше со враќање и интензивирање на воената диктатура?

Секако нема прост одговор на ова. Меѓутоа има неколку клучни фактори.

Прво, демонстрантите не создадоа кохерентна политичка организација, а со неа и раководство. Делумно ова е разбирливо имајќи ја предвид децениската одлучност на Мубарак да го елиминира секој вид на политичко дисидентство, прогонувајќи и бришејќи ги политичките противници. Меѓутоа ова во исто време беше неуспех за самото движење. Различните фракции - од забранетото но толерирано Муслиманско братство, и египетското но живо работничко движење, до младинското движење 6-ти април и пошироката либерална, секуларна средна класа - сите играа значителна улога во египетската Арапска пролет. Меѓутоа тие не формираа функционален сојуз во тие денови. Како што ќе каже активистот Ваел Гоним, ова беше „револуција без лидер и без тело што ќе ги организира“.

Додека многумина на Западот го славеа и фетишизираа немањето лидер како прогресивно, во Египет тоа се покажа како фатален недостаток. Ова посебно затоа што и се дозволи на војската да управува со транзицијата од Мубарак на кој и да следува по него.

И ова е вториот клучен фактор за неуспехот на египетската Арапска пролет: моќта и власта на војската остана недопрени. Во месеците по падот на Мубарак, како што револуцијата без лидер почна да губи сила и нејзините составни делови почнуваат да се конфронтираат, Египетскиот врховен совет на вооружените сили (СКАФ) ја консолидираше контролата врз политичкиот живот. Иако Мухамед Морси победи на изборите во 2011 со 52% од гласовите, воените сили и бирократијата на Египет и понатаму се во рацете на војската. Иако изгледаше како Муслиманското братство да ја презема власта, тие никогаш не ги имаа конците во свои раце.

Подемот на Муслиманското братство помогна во создавање на уште поголем расцеп меѓу исламистичките делови на египетската Арапска пролет и либералната, секуларна, средна класа, па дури и делови од елитата, кои продолжуваа да му пркосат на Муслиманското братство и на улиците и во судниците. Без да го воочат тоа, противејќи се на Муслиманското братство либералната секуларна опозиција само го засили државниот апаратус - војската - во однос на демократијата. Тоа секако ги легитимизираше одлуките на војската против Морси. Уште не беше почнат мандатот на Морси во 2012 а во Египет имаше значително либерално гласачко тело кое се надеваше на враќање на моќта на војската.

Oвој анти-демократски пресврт, роден од презирот кон резултатите од египетските избори, беше подеднакво присутен и меѓу западните либерали. Всушност, по прославата на падот на очигледниот автократ како Мубарак, глетката како мнозинството египетски гласачи избираат нелиберална, исламистичка политика од типот на Муслиманското братство беше претерување. Бидејќи по Трамп и Брегзит одлично знаеме дека Западните либерали ја сакаат демократијата но само кога ќе испорача правилни резултати.

Па, од далечина, и тие ги поддржуваа оние што го оспоруваа првиот демократски избран лидер на Египет. Последователно, кога војската почна отворено да му се спротивставува на Морси во 2013, голем дел од круговите на западната елита тоа го гледаа како позитивно, како реприза од падот на Мубарак.

Освен што не беше реприза. Беше целосно враќање назад на стариот поредок.

Тоа беше изгласано во јули 2013, кога Морси беше оборен во државен удар предводен од генералот Ел-Сиси. Еден месец подоцна, египетските безбедносни сили збришаа сè што беше останато од отворените противници на ударот, масакрирајќи меѓу 900 и 1.000 симпатизери на Морси на плоштадот Раба ал-Адавија.

Сето ова нè води до улогата на Западните сили во уништувањето на Арапската пролет. Бидејќи пред нивни очи се случуваше државен удар. И тие го поздравуваа тоа, и го помагаа поддржани од медиумската класа која одбиваше дури и да го нарече државен удар.

Американскиот државен секретар, Џон Кери, беше најдрзок меѓу поддржувачите на државниот удар. Тој изјави дека Сиси ја враќа демократијата. Претставникот на ЕУ за надворешни работи, баронесата Аштон, беше блиска до Кери кога ја пофали војската дека го продолжува египетското „патување кон стабилен, просперитетен и демократски Египет.“ Клучниот збор тука е „стабилен“. Тоа е тоа што Западот го сакаше од Египет. Не избувлива демократија, туку стабилен регионален сојузник волен да соработува со западните сили во нивен заеднички интерес, без разлика дали тоа било спречување на миграцијата во ЕУ во замена за милијарди евра, или одржување на регионален баланс на моќта.

Западните држави не беа баш соучесници во ударот, меѓутоа тие јасно го поддржаа и прифатија. Како што поранешниот египетски министер Амр Дараг неодамна изјави „нивната поддршка за Сиси, тогаш и сега, е една од главните причини за издржливоста на неговиот режим.“

И навистина ако отсуството на политичко лидерство, истрајноста на воената моќ и либералниот бунт против Муслиманското братство направија толку многу дома за гасење на египетската Арапска пролет, овие фактори меѓународно беа надополнети од Западните сили кои дадоа многу поголема предност на стабилноста отколку на демократијата - предност која заврши многу работа во претворање на владеењето на Сиси во режим кој го надминува и оној на Мубарак по своето варварство и безмилосност.

Заради сето ова, тоа што се случи пред 10 години не може да биде поништено. Едноставно не може да биде избришано - и покрај најголемите напори на Сиси. За момент соништата на Египјаните за демократија и слобода изгледаа како да се на раб од реализација. И тие соништа навистина опстојуваат. „Помладите генерации видоа што се случи. Тоа е како ајкула кога ќе насети крв. Таква е слободата. Еднаш го помирисавме тоа, и ќе продолжиме да се обидуваме,“ изјави минатата недела за Њујорк тајмс еден механичар од Каиро кој учествуваше на протестите во 2011.

Тим Блек,
Спајкд

16 февруари 2021 - 15:32