Ангус Дитон

Слаби држави, сиромашни земји

Во Шкотска бев воспитан да мислам дека полицајците ни се сојузници и дека треба да побараш помош од нив ако ти треба. Замислиме кога на 19 години прв пат отидов во САД, и кога бев пречекан со тирада навреди од полицаецот кој го управуваше сообраќајот на Тајмс Сквер кога го прашав каде е најблиската пошта. Во последователната конфузија, итните документи на мојот работодавец ги ставив во канта за отпадоци, која многу наликуваше на поштенско сандаче.

Европејците имаат многу попозитивни чувства кон своите влади отколку Американците, за кои неуспесите и непопуларноста на сојузните и локалните политичари се честа појава. Сепак најразличните влади на Американците собираат даноци, и за возврат, обезбедуваат услуги без кои не би можеле лесно да ги живеат своите животи.

Американците, како и многумина жители на богатите земји, ги земаат здраво за готово правните и регулаторните системи, јавните училишта, здравствената заштита и социјалната безбедност за старите лица, патиштата, одбраната и дипломатијата, и големите инвестиции на државата во истражување, посебно во медицината. Секако, не сите овие сервиси се добри колку што можат да бидат, ниту пак имаат еднаков однос кон сите; ама луѓето претежно плаќаат даноци, и ако начинот на кој се трошат овие пари е неприфатлив за некого, тогаш се развива жива јавна дебата, и регуларните избори им дозволуваат на луѓето да ги изменат приоритетите.

Сето ова е толку очигледно што нема потреба да се споменува - барем не за оние кои живеат во богати држави со ефикасни влади. Меѓутоа за најголемиот дел од светската популација не е така.

Во најголемиот дел од Африка и Азија, државите немаат капацитет да собираат даноци и да испорачуваат услуги. Договорот меѓу владеачите и владеените - кој е несовршен во богатите земји - често пати е отсутен во сиромашните. Полицаецот од Њујорк беше малку повеќе од некултурен (и зафатен со својата работа); во најголемиот дел од светот, полицијата ги демне луѓето што треба да ги заштити, заканувајќи им се за пари или прогонувајќи ги во име на своите моќни покровители.

Дури и во држави со средни примања, како Индија, јавните училишта и јавните клиники се соочени со масовно (непријавено) отсуство. Приватните доктори на луѓето им го даваат она што (тие мислат дека) го сакаат - инекции, интравенозни терапии и антибиотици - ама државата воопшто нив не ги регулира, и голем број од нив воопшто не се квалификувани.

Насекаде низ земјите во развој, децата умираат затоа што се родени на погрешно место - не од егзотични, неизлечиви болести, туку од најсекојдневни детски болести кои речиси веќе еден век знаеме како да ги лекуваме. Без држава која е способна да испорача рутинска здравствена заштита за родилки и деца, овие деца ќе продолжат да умираат.

Исто така, без владин капацитет, регулацијата и нејзино спроведување не функционираат како што треба, па на бизнисите им е тешко да опстојуваат. Без соодветно функционирање на граѓанските судови, нема гаранција дека иновативните претприемачи ќе можат да ги соберат наградите за своите идеи.

Недостатокот на државен капацитет - на сервисите и заштитата која луѓето во богатите држави ја земаат здраво за готово - е една од главните причини за сиромаштија низ светот. Без ефикасни држави кои работат со активни и ангажирани граѓани, има малку шанси за раст кој е потребен за искоренување на глобалната сиромаштија.

За жал, богатите држави низ светот моментално само ги влошуваат работите. Странската помош - трансферите од богатите во сиромашните држави - има многу придонесено, посебно во однос на здравствената заштита, заради која денес голем број луѓе се живи, кои инаку би биле умрени. Меѓутоа странската помош исто така го поткопува и развојот на капацитетите на локалната држава.

Ова е најочигледно во земји - во Африка - каде владите директно ја добиваат помошта и приливот на помош е огромен во однос на фискалната потрошувачка (понекогаш и над половина од вкупната сума). На ваквите влади не им е потребен никаков договор со нивните граѓани, ниту парламент, ниту систем за собирање даноци. Ако тие одговараат пред некого, тоа се нивните донатори; меѓутоа дури и ова не успева во пракса, бидејќи на донаторите, под притисок од сопствените граѓани (кои оправдано сакаат да им помогнат на сиромашните), им треба да исплатат пари подеднакво како што и на владите на сиромашните држави им треба да ги добијат, ако не и повеќе.

Што ако ги заобиколиме владите и им ја дадеме помошта на сиромашните? Секако, моменталниот ефект ќе биде подобар, посебно во држави каде што мал дел од помошта од влада за влада стигнува до сиромашните. И ќе треба неверојатно мала сума на пари - околу 15 центи на ден од секој полнолетен човек во богатиот дел од светот - за сите овие да се доведат барем над линијата на сиромаштија од еден долар на ден.

Сепак и ова не е решение. На сиромашните има е потребна влада за да живеат подобри животи; тргањето на владата од кругот може да ги подобри работите на краток рок, ама пак нема да го реши главниот проблем. Здравството на сиромашните држави не може засекогаш да биде управувано од надвор. Помошта го поткопува она што на сиромашните најмногу им треба: ефикасна влада која работи со нив за денес и за утре.

Она што можеме да го направиме е да извршиме притисок над нашите влади да престанат да ги прават сите работи што им отежнуваат на сиромашните држави да престанат да бидат сиромашни. Една работа е намалување на помошта, ама исто така и ограничување на трговијата со оружје, подобрување на политиките на богатите земји за трговија и субвенции, обезбедување технички совети кои не се поврзани со помошта, и развивање на подобри лекови за болести од кои богатите луѓе не се заразуваат. Ние не можеме да им помогнеме на сиромашните со тоа што нивните и онака слаби влади ќе ги направиме уште послаби.

Ангус Дитон,
Добитник на Нобеловата награда за економија за 2015-та
објавено: септември 2013-та

13 октомври 2015 - 16:25