Скотски цел живот работи, за други, туѓи батерии

Робовите од 19-от век биле подобро хранети и помалку труени од денешните африкански аргати, од рудниците за кобалт во Конго, до планините на електронски отпад во Гана и Танзанија. И социјалната разлика меѓу робовите и нивните господари во 19-от век не била толку голема како онаа денес, меѓу работниците и господарите на транснационалните корпорации. А нè терат да се плашиме од вештачката интелигенција.

Зошто колумбиските селани, одговорни за производството на речиси 80% од светскиот пазар на кокаин, заработуваат само 1.000 долари годишно додека килограм кокаин во САД се продава за 150.000 долари?

Догматскиот одговор е една од најголемите измами во капиталистичкиот свет: платите подлежат на „законот за понуда и побарувачка“.

Ако платите во кој било производствен синџир би биле диктирани исклучиво со овој закон, тогаш најтешките работни места на дното на пирамидата (каде што понудата на работна сила е помала отколку на повисоките нивоа) или специјалистите во академската или научната елита би биле убедливо најдобро платените позиции. А не се.

Причината лежи во истата пирамида на моќ која се одржува со тон  пропаганда и репродукција на владеачката класа во корисни функционални врски: менаџери, помошници менаџери, експерти за односи со јавноста, комуникатори, пропагандисти, политичари, платеници.... фосилизирани во институции (влади, конгреси, медиуми, училишта, универзитети, цркви, клубови, армии, полиција) кои ја гарантираат светоста на приватната сопственост.

Ако оние полу-робови во Колумбија би имале повисоки плати и подобри услови за живот, тие веројатно би се образувале и би мигрирале во други сектори.

Истото се случува со ропската работа во различни региони на Азија, Африка и Латинска Америка.

„Во многу случаи, неплатените робови од 19-от век биле подобро хранети и помалку труени од денешните африкански работници, од рудниците за кобалт во Конго, до планините на електронски отпад во Гана и Танзанија“, пишува Хорхер Мајфуд, професор на Универзитетот во Џексонвил.

Згора на тоа, социјалната разлика меѓу робовите и нивните господари во 19-от век не била толку голема како онаа што постои денес меѓу луѓето од производството и господарите на транснационалните корпорации.

Само што денес, оние првите не се викаат робови туку слободни граѓани.

Денес стотици илјади Конгоанци и десетици илјади деца се подложени на најбрутални облици на ропство: за дневна плата од 7 долари кога имаат среќа (и 2 долари кога е нормален ден), вадат кобалт со лопати и раце. Попат, овие мажи, жени и деца развиваат различни болести поради фактот што кобалтот е токсичен во контакт со кожата. Настрана тоа што тие седум долари едвај дозволуваат едно семејство да се најаде, а долгата и мачна работа ги спречува децата да одат на училиште или да имаат пристојно детство.

Кобалтот е од суштинско значење за батериите смартфони, компјутери и автомобили а 75% од него се вади од Конго. Тоа е земја со едно од најлошите досиеја полно со нарачани убиства и брутални диктатури, откако беше убиен големиот Патрис Лумумба (од белгиски извршители, со вмешаност на МИ6 и  ЦИА, откако американскиот претстедател Ајзенхауер посакал Лумумба „некако да падне во река полна крокодили“).

Ако робовите од Конго се суштински во синџирот на трговија со кобалт и се неопходни за функционирањето на нашиот дигитален свет, зошто нивните плати се под минималните услови за преживување а нивните права под правата на робовите од минатите векови?

Затоа што се дехуманизираат производителите но и потрошувачите, глобалните конзументи кои или се несвесни или претпочитаат да го игнорираат фактот дека постојат модерни робови.

„И после се плашат од вештачката интелигенција, дека еден ден таа ќе го презела светот! Која е разликата за модерниот роб, дури и за глобалната средна класа, помеѓу тоа да биде доминиран од роботи или да продолжи да биде доминиран и експлоатиран од човечки елити?“, прашува Мајфуд.

14 август 2023 - 15:03