Одмаздата на Ѓоковиќ

Некои мислат дека победата на Ѓоковиќ во Њујорк беше одмазда за Медведев, за поразот од преклани. Не, тоа беше одмазда за нешто полошо што му се случи лани, кога не му беше дозволено да игра. Човекот кој се третираше како закана по здравјето, се врати за да ја покаже својата надмоќ пред целиот свет и да ги потсети довчерашните ситни ковид-тирани на неговата големина - и нивната глупост.

Одмаздата, се чини, најдобро се служи со моќен форхенд. Тоа го направи Новак Ѓоковиќ на УС Опен. После три часа и 16 минути најинтензивен тенис, го победи речиси 10 години помладиот Даниил Медведев со удар кој овој едноставно не можеше да се врати.

Но, не го порази само неговиот тениски противник од Русија туку и елитните промотери на карантините. Тоа беше оној стар фанатизам кој се викаше „нулта ковид“ кој особено силно го погоди славно невакцинираниот Ѓоковиќ. Откако беше отфикарен од некои гренд-слемови поради неговото „арогантно“ одбивање да го боцнат, Ѓоковиќ им се врати како фурија, за да ги потсети довчерашните ситни ковид-тирани на неговата големина - и нивната глупост.

Некои во медиумите ќе речат дека ѕвездениот настап на Ѓоковиќ на стадионот Артур Еш во Квинс, Њујорк бил „одмаздничка мисија“ против Медведев. Тој го победи Новак на УС Опен во 2021 година, спречувајќи го да стане првиот човек што ги освоил сите четири Гренд слем турнири во иста година (после 1969 година и австралиската тениска легенда Род Лејвер).

Тоа сигурно го здоболе перфекционистот Србин. Но, последното финале беше „одмаздничка мисија“ за ОС Опен 2022 година, а не 2021 година. Одмазда за нешто полошо од пораз со кој лани се соочи Ѓоковиќ - воопшто не му беше дозволено да игра.

Според научно сомнителната забрана на Џо Бајден за влез на невакцинирани странци, Ѓоковиќ беше држен надвор од САД речиси две години. Бајден го издаде својот декрет во ноември 2021, го повлече дури на 12 мај годинава. Се разбира, секоја нација има право да одредува свои гранични правила. Но, како што посочува Џоел Зинберг во Њујорк Пост, строгата забрана за невакцинирани странци немаше никаква смисла за Ѓоковиќ, со оглед на тоа што двапати имаше ковид, во јуни 2020 година и декември 2021 година. Експертите се согласуваат дека природниот имунитет од инфекција е прилично добар. Мета-анализа објавена во Лансет го опишува нивото на заштита добиена од инфекција како „високо“. Ова е причината зошто некои земји, вклучително и Британија, дозволија пристигнување на странци, или вакцинирани или прележани. Не и Америка на Бајден. Тие ги држеа надвор сите невакцинирани две луди години.

Таков непотребно суров режим го доведе во прашање тврдењето на локдаун елитите дека тие само „ја следат науката“. Што е научно во забрана за влез на луѓе кои имаат цврст имунитет на вирус кој ве секира? Посебно за супер фит 35-годишен спортист (ланската возраст на Ѓоковиќ). 

Зинберг вели дека ограничувањата на Бајден беа мотивирани од  политички, а не од здравствени грижи. Решена да ги одржи високите нивоа на вакцинација, администрацијата „одби да го признае постоењето на природен имунитет после инфекцијата“. Но, сигурно е можно и да се поддржи вакцинацијата и да се биде искрен за постоењето на природен имунитет. Возрасни сме. Можеме да се справиме со информации.

Тоа е она што ја прави последната победа на Ѓоковиќ толку слатка: човекот кој се третираше како закана по здравјето се врати за да ја покаже својата надмоќ пред целиот свет. Тенискиот шампион чие исклучување во 2022 година немаше никаква научна или морална смисла, излезе како победник во 2023 година. И секако тука е преслатката  иронија дека Модерна е еден од спонзорите.

Не мора да сте антиваксер кој по цел ден гугла „експериментална генска терапија“ и лае по „овците“ кои дозволиле да бидат вакцинирани, за да ви е пресмешно дека веројатно најпознатиот невакциниран човек во светот сега јавно е промовиран од производител на вакцини.

Демонизирањето на Ѓоковиќ во последните две години беше интензивно. Фанатиците на карантините го гледаа како олицетворение на опасноста од ковид. Тој беше персонифицирана чума, а неговата „ароганција“ беше прикажана како закана за животот. Ни беше кажано дека тој ја сумира смртоносната дрскост на оние кои се осмелуваат да им пркосат на ковид правилата. Неговото верување дека „не треба да има ограничувања за неговиот животен стил“ може да ги „охрабри другите на истата себичност“, рече еден набљудувач. „Себичноста на Новак Ѓоковиќ“, гласеше наслов во Атлантик. Беше критикуван дека е некој кој „попрво би создал хаос отколку да се вакцинира“.

И после сканадлот на Австралија Опен беше исмеван во либералните медиуми и означен како „крал на глупоста“. Елитите одбиваа да се појави каква било пукнатина на фасадата на нивниот режим „нулта ковид“. Ако го пуштеа Ѓоковиќ, ќе тргнеа незгодни прашања за тиранските гранични контроли што беа спроведувани. Но и таму им се одмазди, освојувајќи го турнирот годинава.

Долготрајните забрани за патување, минимизирање на научните факти, етикетирањето како „себични“ оние кои сакаат да управуваат со сопствените тела....  тој режим беше глупав и арогантен, а не желбата на Ѓоковиќ да игра тенис.

Брендан О'Нил

13 септември 2023 - 14:16