Ни Орвел не можеше да го предвиди Трудо

Шкотскиот премиер Хумза Јусаф донесе еден од најрестриктивните закони против говор на омраза, кој дури и длабоко авторитарни влади не би се осмелиле да го помислат. Законот што Трудо планира да го донесе, прави шкотскиот закон да изгледа како заштита на слободата на говор.

Канадскиот предлог, со сериозна предност, е најлошиот. Толку е дистопијски што дури и Џорџ Орвел и Филип К. Дик не успеаа да предвидат такво нешто. Дискриминацијата веќе е забранета со канадскиот закон за човекови права, меѓутоа новиот закон ќе ја прошири дефиницијата за дискриминација да вклучува и онлајн говор „кој веројатно поттикнува одвратност и клеветење на поединец или група.“ На оние кои се загрижени од ризикот дека овој нов закон би можел да биде злоупотребен од разбудени активисти, владата им порача дека „одвратност“ и „клеветење“ не се исто што и „презир“ и „антипатија“ кои и понатаму ќе бидат дозволени, или говор кој „дискредитира, понижува, повредува или навредува.“

Ова го поставува прашањето: кој ќе одлучи кој тип на говор го прекршува овој нов стандард? И што ги квалификува нив да носат соломонски пресуди, разликувајќи меѓу „антипатија“ (дозволено) и „гадење“ (забрането). Оваа задача ќе и биде доделена на новата национална агенција по име Комисија за дигитална безбедност, составена од пет комесари и армија бирократи, кои ќе ја имаат истата моќ како и федералните судови, со таа разлика што тие нема да бидат ограничени од „какви било технички или правни правила за докази.“

Со новиот закон, секој ќе може да те обвини за „комуницирање на говор на омраза“ и ако канадскиот трибунал за човекови права те прогласи за виновен ти ќе треба да платиш до 20.000 долари на „секоја жртва“ и 50.000 долари на државата (или да лежиш затвор). Нема ограничување и за тоа колку пати на прекршителот може да му биде наредено да ги плати овие казни, па очигледно на Џордан Питерсон му претстои банкрот. И ова не важи само за работите што си ги објавил, не не, туку за сè што некогаш си постирал од почетокот на интернетот до денес. Со други зборови, ова е позлатена покана за археолозите на навреди да ги покажат сите свои капацитети, со шанса да заработат 20.000 долари ако најдат нешто валкано. Единствен начин да се заштитиш себе си е да ги прочешлаш сите твои сметки на социјалните мрежи и внимателно да избришеш што и да е и приближно контроверзно што некогаш си го кажал.

Меѓутоа тоа нема да те заштити од друга клаузула на законот, и тоа е моментот кога тој влегува во досега незамислива дистопијска територија. Ако судовите веруваат дека е веројатно дека ти во иднина ќе извршиш „злосторство од омраза“ (кое не е дефинирано), можеш да бидеш ставен во куќен притвор и да ти биде ограничена можноста за комуникација со други. Односно, судот може да те присили на домашен притвор, да не ти дозволи да користиш каков било уред за комуникација и потоа да ти нареди дека не смееш да го напушташ својот дом. Ако судот верува дека има шанси да се опиеш или да се издрогираш и да почнеш да твиташ под влијание - иако не е јасно како, бидејќи не ти е дозволено да користиш телефон или компјутер - може да те натера на властите редовно да им оставаш примероци од урина. Секој што ќе се спротивстави на овој диктат може да биде пратен во затвор.

Прилично извонредно, нели? Маргарет Атвуд, која е прилично упатена кога е во прашање дистопијска сатира, го опишува законот како „Орвеловски“, меѓутоа дури ни Полицијата на мислите во Океанија не ги казнуваше луѓето за работи кои би можеле да ги кажат, наместо за работи што ги кажале. Ова повеќе наликува на Малцински извештај на Филип Дик, освен што во таа книга полицијата апсеше луѓе за кои сметаше дека можат да извршат сериозно злосторство како убиство и само откако осомничениот беше идентификуван од „преког“ кој буквално можеше да ја гледа иднината. Во Канада на Трудо, за споредба, властите за кратко време ќе можат да ставаат луѓе во куќен притвор заради „омраза“ која се уште не ја изразиле по основа на зборот на властите. Ако тоа е иднината, Господ нека ни е на помош.

Тоби Јанг,
Спектатор

22 април 2024 - 13:42