Имаме ли право на глупи приватни ставови?

Јавноста ги дозна расистичките ставови на сопственикот на Клиперси, сите се згрозија а НБА му удри доживотна забрана и милионска парична казна. Навидум, сè е како што треба да биде во едно морално здраво и сензитивно општество. Ама, дали е баш така?

пишува: Марк Раданца, адвокат чија специјалност се случаи поврзани со нарушувањето на Првиот амандман, кој ја гарантира слободата на говор на секој Американец.

Минатава недела сандачето ми експлодира од мејлови во кои ме прашуваат дали правото на слободен говор, гарантирано согласно Првиот амандман на американскиот устав, било нарушено во случајот со реакциите по расистичките коментари на сопственикот на Лос Ангелес Клиперс. На крајот на краиштата, тој си кажувал што си мисли, колку и да се тие негови ставови непопуларни.

Иако некои од неговите права биле нарушени, она поврзано со Првиот амандман не е.

Првиот уставен амандман штити од тоа владата да може да ве гони заради она што го кажувате. НБА е приватен клуб, и тие можат ако сакаат дисциплински да го казнат Стерлинг колку што им душа сака.

Но што е со хорот критики? Дали сите ние го нарушуваме неговото право согласно Првиот амандман со тоа што го критикуваме? Ние го казнуваме заради неговиот говор.

Не. Првиот амандман не ве штити од критики. Всушност, токму тоа претставува негова примена во пракса. Така функционира пазарот на идеите. Ги пуштаме нашите идеи да лебдат на пазарот, и гледаме која идеа ќе се продаде.

Повеќемина ќе се согласат дека идеите на Стерлинг не успеваат на пазарот на идеи. Сепак, со тешко срце денес стојам на негова страна. Она што му се случи нему може да е нелегално и беше морално погрешно.

Да почнеме со законскиот аспект. Во Калифорнија е забрането снимање разговор без знаење или согласност на двете страни. Снимката на која се слушаат Стерлинг и В. Стивијано може да е резултат на кривично дело. Откако таа ја добила оваа информација, некој ја пуштил во јавност (таа вели дека не е од неа) - и стана вирална. Тука мислам дека е моментот кога работите морално тргнаа на погрешната страна.

Ние сите приватно кажуваме работи кои не би сакале да ги кажеме јавно. Понекогаш имаме идеи кои не се целосно развиени - ги разработуваме со нашите најблиски пријатели. Замислете го тоа како тест-пазар на нашите идеи. Како што тие ни се развиваат, размислуваме дали да ги обзнаниме јавно. Нели би требало сите да ја имаме слободата сами да го направиме овој избор?

Размислете што значи ова за Стерлинг - тоа е убиство на неговата јавна личност. Значи дека ние сега живееме во свет каде ако имате ставови кои не се популарни, не само што треба да се плашите од тоа да ги искажете јавно, туку треба да се плашите воопшто да ги кажете - дури и на вашите интимни пријатели. Тие можеби ве снимаат, а потоа таа снимка може да се рашири по интернет и секој да ја чуе.

Нели е доволно лошо што NSA (Националната агенција за безбедност) може да не шпиунира сите нас? Како можеме да се пожалиме кога на нашите најблиски пријатели им ја даваме можноста да сторат нешто уште полошо - веројатно да се обидат и да нè уништат.

Во романот „1984" Џорџ Орвел пишуваше за Телескрин, направа која проектира информации во домот но истовремено постојано ги шпиунира граѓаните. Дури и да ја сопреме Агенцијата во тоа што го прави, дали би престанале да живееме во свет каде овие направи не' набљудуваат? Само што тогаш наместо некаква опресивна влада, нив би ги инсталирале нашите драги пријатели.

Поентата на случајот со Стерлинг е дека веќе немаме приватност. Живееме во свет каде нашите интимни разговори ќе бидат снимани и пренесувани на милијарда слушатели. Живееме во свет каде можете да споделите интимни фотографии со вашиот љубовник/љубовница, а тие потоа да завршат на некој порно сајт за лични одмазди. Живееме во свет каде некоја спонзоруша може да го шпиунира нејзиниот „татенце", а светот да каже дека грозниот старец е лошиот.

Не ме сфаќајте погрешно. Стерлинг изгледа како лош човек. Но понекогаш лошиот човек е исто така и жртва. Додека ѝ аплаудирате на Стивијано заради тоа што ги обелоденила расистичките ставови на старецот, замислете дека вие сте тој човек, кој мислел дека зборува со пријателка, дека води приватен разговор.

Дали живееме во свет во кој не можеме веќе никому да му веруваме? Дали веќе нема приватност?

Во приказнава има двајца негативци. Стерлинг ги претставува старите лоши времиња. Но однесувањето на Стивијано ја претставува ужасната иднина. Дали не е време да го осудиме овој целосен распад на приватноста и довербата, барем исто онолку гласно колку што осудуваме расистичко дрдорење на некој старец.