Џо Бајден: Зошто одам во Саудиска Арабија

Следната недела патувам на Средниот Исток за да започнам ново и поветувачко поглавје од американскиот ангажман во регионот. Ова патување доаѓа во клучно време за регионот, и тоа ќе унапреди важни американски интереси.

Побезбеден и поинтегриран Среден Исток на многу начини е од корист за Американците. Неговите водни патишта се клучни за глобалната трговија и ланците за снабдување на кои се ослонуваме. Неговите енергетски ресурси се витални за олеснување на влијанието врз глобалното снабдување што го има руската војна во Украина. А регион кој се обединува преку дипломатија и соработка - наместо да се оддалечува преку конфликт - е помалку веројатно да создаде насилен екстремизам кој би бил закана на нашата татковина или нови војни кои би можеле да стават дополнителен товар на американските воени сили и нивните семејства.

Избегнувањето на ова сценарио е од врховна важност за мене. Јас интензивно ќе се потпрам на дипломатија - вклучително и разговори лице в лице - за постигнување на нашите цели.

Средниот Исток што го посетувам е постабилен и побезбеден отколку што мојата администрација го наследи пред 18 месеци.

Еден месец пред мојата инаугурација, нашата амбасада во Багдад беше мета на најголемиот ракетен напад во изминатата деценија. Нападите против нашите трупи и дипломати се зголемија за четири пати во претходната година. Мојот претходник, за да ги одбие овие напади, повеќекратно наредуваше Б-52 бомбардери да летаат од САД до регионот и назад. Но тоа не успеа, и нападите продолжија.

Војната во Јемен ескалираше, создавајќи една од најголемите хуманитарни кризи, без на повидок да има политички процес кој би ставил крај на борбите.

Откако мојот претходник се одметна од нуклеарниот договор кој функционираше, Иран донесе закон кој бара рапидно забрзување на нивната нуклеарна програма. Тогаш, кога минатата администрација сакаше да го осуди Иран за оваа постапка во Советот за безбедност на О.Н, Соединетите држави се најдоа себе си изолирани и сами.

Во моите први недели како претседател, нашето разузнавање и воени експерти предупредија дека регионот е под сериозен притисок. Му беше неопходна итна и интензивна дипломатија. За обновување на одвраќањето, јас наредив воздушни напади како одговор на нападите на нашите сили и започнав сериозна дипломатска активност за да дојдеме до постабилен регион.

Во Ирак, ги завршивме борбените мисии на САД и го транзициониравме нашето воено присуство да се фокусира на обука на Ирачаните, додека ја одржавме глобалната коалиција против Исламската држава која ја создадовме кога јас бев потпретседател, која сега е посветена да спречи воскреснување на ИСИС. Исто така одговоривме на заканите против Американците. Фреквентноста на нападите спонзорирани од Иран споредена со двете години претходно има стрмен пад, а овој февруари, во Сирија, го елиминиравме лидерот на ИСИС Хаџи Абдула, демонстрирајќи ја способноста на Америка да ги елиминира терористичките закани без разлика каде тие ќе се обидат да се скријат.

Во Јемен, назначив пратеник и имав размена со лидерите во регионот, вклучително и со кралот на Саудиска Арабија, за да ги поставам темелите за примирјето. По една година наша упорна дипломатија, тоа примирје сега функционира, а животоспасувачката хуманитарна помош стигнува до градовите и гратчињата кои беа под опсада. Како резултат на ова, во изминатите неколку месеци во Јемен е најмирно што било во последните 7 години.

Што се однесува на Иран, ние повторно се обединивме со сојузниците и партнерите во Европа и остатокот од светот за да ја прекинеме нашата изолација; сега Иран е тој што е изолиран додека не се врати на нуклеарниот договор што мојот претходник го напушти без никаков план што би можело да го замени. Минатиот месец, над 30 држави ни се приклучија за го осудат недостатокот на соработка на Иран со Меѓународната агенција за атомска енергија околу неговите изминати нуклеарни активности. Мојата администрација ќе продолжи да го зголемува дипломатскиот и економски притисок се додека Иран нè е подготвен да се врати на договореното од договорот од 2015, како што јас сум подготвен истото да го направам.

Во Израел помогнавме да се стави крај на војната во Газа - која лесно можеше да трае со месеци - за само 11 денови. Работевме со Израел, Египет, Катар и Јордан на одржување на мирот без да им се дозволи на терористите повторно да се вооружат. Исто така ги обновивме врските на САД со Палестинците. Работејќи со Конгресот, мојата администрација врати речиси 500 милиони долари во поддршка за Палестинците, додека истовремено го изгласа најголемиот пакет за помош на Израел - над 4 милијарди долари - во историјата. А неделава, израелски премиер за прв пат во 5 години зборуваше со претседателот на палестинските власти.

Во Саудиска Арабија ја поништивме политиката за бланко чек што ја наследивме. Јас го објавив извештајот од разузнавачката заедница за убиството на Џамал Кашоги, воведов нови санкции, вклучително и против саудиските Сили за рапидна интервенција кои беа вклучени во убиството, и издадов 76 забрани за виза по основа на новото правило за забрана за влез во САД за секој што е вклучен во малтретирање на дисиденти во странство. Мојата администрација јасно покажа дека САД нема да толерираат екстериторијални закани и малтретирање против дисиденти и активисти од која било влада. Исто така се боревме за американските граѓани кои неправедно се притворени во Саудиска Арабија долги години пред да дојдам на власт. Тие од тогаш се ослободени, и јас ќе продолжам да притискам за укинување на забраните за нивно патување.

Од почеток мојата цел е да се преориентираат - но не да се нарушат - односите со државата која 80 години е стратешки партнер. Денес, Саудиска Арабија помогна во враќањето на единството меѓу шест држави од Советот за заливска соработка, целосно го поддржа мирот во Јемен и сега работи со моите експерти на стабилизирање на нафтените пазари со останатите производители на ОПЕК.

Знам дека има многумина кои не се согласуваат со мојата одлука да патувам во Саудиска Арабија. Моите гледишта за човековите права се јасни и долгорочни, а основните слободи секогаш се на агендата кога патувам во странство, како што ќе бидат и на ова патување, како што ќе бидат и во Израел и на Западниот брег.

Како претседател мојата задача е да ја чувам нашата држава силна и безбедна. Мораме да се спротивставиме на руската агресија, да се ставиме себе си во најдобра можна позиција за да ја победиме Кина, и да работиме за поголема стабилност во овој важен регион на светот. За да ги оствариме овие работи, мора директно да соработуваме со држави кои можат да влијаат на овој исход. Саудиска Арабија е една од нив, и кога ќе се сретнам со саудиските лидери, целта ми е да го засилам стратешкото партнерство за во иднината кое ќе биде базирано на заеднички интереси и должности, додека истовремено да останам искрен кон фундаменталните американски вредности.

Во петок, јас исто така ќе бидам првиот претседател што летал од Израел до Џеда, Саудиска Арабија. Ова патување исто така ќе биде и мал симбол за градењето на врски и чекор понапред кон нормализацијата меѓу Израел и Арапскиот свет, која мојата администрација работи да ја продлабочи и прошири. Во Џеда, ќе се соберат лидерите од регионот, што посочува кон можноста за постабилен и поинтегриран Среден Исток, со Соединетите држави кои играат клучна лидерска улога.

Секако, регионот останува полн со предизвици: иранската нуклеарна програма и поддршката за прокси групи, Сириската граѓанска војна, кризата на безбедноста со храна нагласена од руската војна против Украина, терористички групи кои се уште оперираат во повеќе држави, политичката закоченост во Ирак, Либија и Либан, и стандардите за човекови права кои заостануваат зад најголемиот дел од светот. Сите овие прашања мора да се разговараат. Кога ќе се сретнам со лидерите од целиот регион, јасно ќе им кажам колку е важен напредокот во овие области.

Сепак, споредено со пред 18 месеци, регионот е помалку под притисок и повеќе интегриран. Поранешните ривали повторно воспоставија врски. Се коваат заеднички инфраструктурни партнерства. Ирак, кој долго време е извор на прокси конфликти и регионални ривалства, сега служи како платформа за дипломатија, вклучувајќи и меѓу Саудиска Арабија и Иран. Мојот пријател кралот Абдула од Јордан неодамна го спомна „новото чувство“ во регионот, додека државите прашуваат „како може да се поврземе една со друга и да работиме една со друга.“

Ова се ветувачки трендови, кои САД може да ги засили на начин на кој не може ниту една друга држава. Моето патување следната недела ќе служи на оваа цел.

Низ моето патување јас на ум ќе ги имам милионите Американци кои служеа во регионот, вклучително и син ми Бо, и 7.054 кои загинаа во конфликтите на Средниот Исток и Авганистан од 11 септември 2001.

Следната недела, јас ќе бидат првиот претседател што од 11 септември го посетил Средниот Исток, без американски сили таму да бидат вклучени во борбена мисија. И моја цел е така и да остане.

Џо Бајден,
претседател на САД,
Вашингтон пост