На Твитер веќе нема да има „ме блокнал“

Опцијата за блокирање корисници на Твитер ќе биде укината од социјалната мрежа, бидејќи, како што објасни Илон Маск, таа нема многу логика.

Иако Маск не елаборираше нешто повеќе околу планот, со неговиот Твит се согласи и основачот на Твитер, Џек Дорси, кој напиша „100%. Само мјут“.

Разликата е што со блок, конкретниот корисник за тебе повеќе не постои, па и да сакаш (дур си најавен) не можеш да прочиташ што тој пишува, ниту пак тој може да те чита тебе, додека кај „мјут“ само не добиваш известување дека корисникот ти напишал нешто.

Ваквата разлика е клучна кога корисникот сака да се заштити од други корисници, без да мора профилот да го прави приватен.

Отстранувањето на блок опцијата исто така е спротивна и на правилата за користење на продавниците за апликации на Епл и Гугл плеј, кои предвидуваат дека социјалните мрежи ќе им дадат на корисниците алатки за спречување на малтретирање.

За сега не е јасно ни што ќе се случи со блокираните профили кога ќе биде укината опцијата и дали тие автоматски ќе бидат одблокирани.

21 август 2023 - 12:56