Империјата млако го возвраќа ударот

Откако Кинезите и Самсунг почнаа да се расфрлаат со камери од 100 мегапиксели, какви не екрани, процесори и мемории, Епл одлучи дека главна продажна предност на Ајфонот што ќе ја оправда цената ќе биде заштита на приватноста на своите корисници, па и покрај целиот ризик влезе во отворена војна со Фејсбук. Сега Фејсбук се обидува со јаукање и апели да ги придобие назад корисниците кои радо би гледале како целата компанија гори во незапирлив пожар.

По потегот на Епл за сосечување во корен на целото собирање лични податоци од страна на Фејсбук, планот на Фејсбук е да пушти известување во апликацијата за Иос во која ќе се обиде да им објасни на корисниците како и што прави со нивните податоци.

Освен што ќе објаснува, пораката ќе побара од корисниците директно да му дадат дозвола на Фејсбук да ги користи податоците што Фејсбук ги има собрано за нив додека сурфале на сосема други сајтови и апликации.

Објаснувањето главно се сведува на истиот муабет како и сите овие години дека податоците ќе се користат за „персонализирање на вашето искуство“.

Колку е ограничен просторот за маневрирање на Фејсбук во светот на Епл и Ајфон, покажува нивната изјава околу планот за пуштање на пораката:

„Луѓето заслужуваат дополнителен контекст, а Епл изјави дека е дозволено образување на корисниците.“

Дури и сите да му дадат дозвола на Фејсбук, неговиот бизнис модел пак ќе претрпи сериозни трауми, бидејќи добар дел од податоците што ги собира доаѓаат од надворешни сајтови и апликации, од кои сите ќе треба да добијат директна дозвола од корисниците на Ајфон за да можат да собираат податоци.

2 февруари 2021 - 10:44