Хакерот што минува полошо отколку Брејвик

Брејвик, по убиени 77 луѓе од кои мнозинството деца, моментално во затвор е третиран подобро отколку Готфрид Свархолм Варг, основачот на Пиратскиот залив.

Додека Брејвик он-лајн следи часови по политички науки на Универзитетот Осло и работи на книга, Варг е сместен во самица и нема пристап до никаков материјал за читање.

Варг во ноември беше префрлен од Шведска во Данска, каде што е обвинет за нарушување на јавниот систем, нелегално собирање податоци и уништување имот. Сите овие обвинувања му се по основа кражба на броеви за социјално осигурување од базата на податоци на возачки дозволи во Данска.

"Не му е дозволено да добива новини, магазини и книги кои се во затворската библиотека, или книгите што го донесе со себе од Шведска за време на екстрадицијата. Од неговото пристигнување (во Данска) тој нема добиено ниту едно писмо, само неколку честитки. Од затворот ова го оправдуваат со стравот дека Варг би можел да уништи некои докази кои се уште не се откриени," пишува во петицијата во која се бара подобар третман за основачот на Пиратскиот залив.

2 јануари 2014 - 09:47