Џек Дорси презема вина за проблемите на Твитер

Откако „Твитер документите“ покажаа сериозни манипулации и политички притисоци во работата на Твитер, се огласи и неговиот основач и поранешен ЦЕО, Џек Дорси, порачувајќи „ова е само моја вина.“

Дорси прво ги наведува принципите на кои тој верува дека треба да се базира работата на Твитер: дека тој мора да биде „отпорен на корпоративна и владина контрола,“ дека „само оригиналниот автор може да ги отстрани содржините што ги создал,“ и дека „модерирањето најдобро е имплементирано преку алгоритамски избор.“

„Твитер кога јас го водев и Твитер денес не исполнуваат ниту еден од овие принципи. И ова е само моја кривица,“ пишува Дорси во својот блог пост, порачувајќи дека се откажал од вршење притисок за овие принципи, кога инвеститори активисти во 2020 влегле во компанијата.

Иако Дорси не споменува име, Њујорк тајмс во 2020 објави дека активистичкиот хеџ-фонд Елиот менаџмент купил 1 милијарда долари удел во Твитер и побарал смена на Дорси.

Дорси верува дека социјалните-мрежи имаат премногу моќ и дека одлуката на Твитер, под негово раководство, да го избрише Трамп, е екстремен доказ за таа моќ.

„Како што реков и претходно, ние во тоа време ја направивме правата работа за бизнисот на јавна компанија, но погрешна работа за интернетот и општеството,“ пишува Дорси.

Твитер фајловите што до сега ги објавија неколку независни новинари, покажуваат дека компанијата го ограничила ширењето на сторијата на Њујорк пост за лаптопот на Хантер Бајден,  дека вработените на Твитер дебатираат дали да го изгасат Трамп и дека компанијата ги прифатила барањата на кампањата на Бајден и администрацијата на Трамп да брише содржини од својата платформа.

Откако Маск го купи Твитер, Дорси во неколку наврати се извинуваше (по масовните отпуштања на Маск) за тоа што решил премногу брзо да ја расте компанијата, дека најмногу жали што пребрзо ја изгасил платформата Вајн, и се согласи со одлуката на Маск да го врати Трамп на Твитер.

15 декември 2022 - 11:52