Девојчето со к̶и̶б̶р̶и̶т̶ч̶и̶њ̶а̶т̶а̶ пасвордите

Донекаде слична приказна со познатата сказна на Ханс Кристијан Андерсен, со тоа што овде девојчето не замрзнува на улица.

Мира Моди има 11 години, оди во шесто одделение во Њујорк. И продава лозинки за 2 долари комад.

Од неодамна започна свој мал бизнис за рачно генерирање силни лозинки од 6 зборови. Се потпира на стариот добро познат систем Diceware со фрлање коцка за да се добие случаен број кој потоа се врзува со збор а добиените зборови се врзуваат во бесмислена целина ("ample banal bias delta gist latex"). Бесмислена за да биде тешко да се кракне а истовремено зборовите човек лесно ги памти, за разлика од оние со "eдна голема буква, интерпункциски знак, една долна и две средни црти" со кои сите некогаш сме се зезанале

Малата Моди не залутала случајно на оваа тема. Таа е ќерка на новинарка на Про Публика која се занимава со проблемите на приватноста, за кои ja има и напишано книгата Dragnet Nation (Потрага по приватност, безбедност и слобода во услови на постојано набљудување). За потребите на  истражувачкиот дел од книгата таа ја ангажирала ќерката да фрла коцки за пасворд- фразите а неа подоцна ѝ текнало дека од тоа може и пари да се фатат.

Тоа го прави на својот сајт. Добива барање за пасворд, фрла коцка, гледа во речник и ги запишува 6-те фрази на лист хартија која ја праќа по пошта, напоменувајќи им на корисниците дека го користи US Postal Mail кој не може да биде отворен без судски налог.

Ако ѝ тргне, ќе биде позиционирана на отприлика 12 долари на час, што е за третина повеќе од њујоршкиот минималец на кој се наоѓаат илјадници луѓе вработени во продавници и сендвичари.

Во секој случај, Мира Моди го разбира круцијалниот безбедносен аспект на пасвордите (кој многумина возрасни не го разбираат) па вели:

"Ако сам измислиш своја лозинка, таа веројатно нема да биде добра".

Да потсетиме, во своето иницијално писмо до жената која ќе го прави документарецот за него, Едвард Сноуден пишува:

"Ве молам потврдете ми дека никој никогаш немал копија од вашиот приватен клуч за поврзување  со сервер и дека користите силна лозинка. Претпоставете дека вашиот непријател е способен да изврши еден трилион нагаѓања во секунда".

30 октомври 2015 - 13:42