Белата куќа како уредник на Фејсбук

Советници од Белата куќа извршиле директен притисок врз Фејсбук да цензурира содржини кои не им биле по мерак, покажуваат документи објавени од американскиот Конгрес.

Се работи за меме за ковид-19 објавено од Такер Карлсон чие ширење Фејсбук, и покрај првичниот отпор, го намалува за 50% по барање на американските власти.

Според документите од Комитетот за судство на Претставничкиот дом, претседателот на Фејсбук за глобални работи, Ник Клег, им напишал на своите колеги дека Енди Славит, советникот на Бајден за ковид-19, „е гневен - и ова не е премногу силен збор за да се опише неговата реакција - дека Фејсбук не го избришал постот.“

Клег напишал дека тој се спротивставил објаснувајќи дека „таков начин на бришење содржини претставува значително пречекорување на традиционалните граници на слобода на изразување во САД“, меѓутоа не успеал да го разубеди Славит. Советникот на Бајден му забележал на Клег и за тоа што постот бил споделен 385.000 пати.

Аргументот на Славит бил дека мемето видливо ја намалува довербата во ковид вакцините меѓу оние кои властите сакаат да ги убедат да се вакцинираат.

Истиот месец вработен на Фејсбук им пишува на Закерберг и Шерил Сандберг дека „компанијата се соочува со константен притисок од надворешни страни, вклучително и Белата куќа“ за бришење на постови што се критични за ковид вакцините.

Во интерните забелешки околу мемето, вработените пишуваат дека тоа не ги прекршило правилата против „насочување на луѓето да не се вакцинираат“ но и покрај тоа ќе добие 50% кратење на ширењето се додека не дојде на ред неговите факти да бидат проверени.

Притисокот за следење на насоките на Белата куќа за бришење содржини продолжил и по април 2021, посебно по јавната осуда на Бајден дека социјалните мрежи „убиваат луѓе“.

Во октомври минатата година беше објавено дека Фејсбук направил и пуштил посебен портал преку кој федералните власти можеле да поднесат барање за уредување на содржините, вклучително и за гасење на „пародија профили или профили без ниту еден следач или влијание.“

31 јули 2023 - 14:43