Havana iPhone Club

На американска новинарка и паѓа Ајфонот во вода, го носи во Епл и таму и порачуваат да го прежали и да си купи нов. Неколку дена подоцна таа заминува на одмор во Куба.

"Готов е. Не сметаме дека вреди да ги замениме внатрешните компоненти. Ќе го фрлам и ќе ти дадам нов," и порачал Епл Генијот на Елиен Беку, во врска со Ајфонот.

Откажувајќи се од помислата да даде 650 долари за нов (или 150 долари за користен) таа заминува за Куба, со "циглата" во чанта.

Шетајќи низ Хавана, таа во еден дуќан за електроника се распрашува дали некој може да и го поправи телефонот. Сосема неочекувано добива адреса од "мајстор."

"Дете со Реј-Бан со бела рамка ми отвори кога тропнав на вратата на адресата што ми ја дадоа. Се викаше Енди и беше сигурен дека може да ми го поправи телефонот. Откако ги тргна шрафовите што го држеа стаклото, почна на брзина да го демонтира. Да признаам, Енди изгледаше многу помалку импресиониран од телефонот отколку што очекував. Кога го прашав, колку често поправа Ајфон, тој ми одговори 'секој ден,'" раскажува новинарката.

Освен шрафцигерот, алатот се состоел од чепкалка со која ја извадил матичната плоча и шише од Фанта полно со алкохол што му треба за чистење.

"Абелито, партнерот на Енди, објаснува дека се што научиле им е со помош на нелегални интернет конекции. По 20 минути внимателно чистење Енди за цело чудо успеа да ми го спаси телефонот, ама батеријата не можеше да се наполни. Се обидов да му платам, ама тој одби 'прифаќаме плаќање само кога ќе го решиме проблемот'," пишува Беку.

Неколку дена подоцна во хотелот забележува еден од вработените дека има Ајфон 3, му кажува за проблемот и тој веднаш ја препраќа кај еден дечко што седи во барот.

"Десет минути подоцна Роберто и јас пешачиме низ Хавана. Застанавме пред еден влез. Роберто ме замоли да почекам и се качи по скалите. Неколку минути подоцна се врати со нова Ајфон батерија. За плаќање ја прифаќа усб меморијата од 8 гига што ја имав. Мемориите се доста ретки и ценети во Куба, бидејќи користењето на интернет е ограничено и надгледувано," објаснува новинарката на одмор во Куба.

Два месеца подоцна, новинарката има и функционален Ајфон и ново оправдување што може да го искористи ако и се оди во Куба.

17 септември 2012 - 17:19