Закерберг, пепел

Реалноста е дека Закерберг за 13 месеци има изгубено над 100 милијарди долари од вредноста. Исто така реалност е и дека сега ќе треба да живее со само 38 милијарди долари. Негово е да одбере која реалност ќе ја сфати посериозно.

Последниот удар за рангирањето на Закерберг следува откако Мета втор квартал по ред не ги исполни очекувањата, па нејзината вредност на берзата падна за 11 милијарди долари. По овој пад, вредноста на Закерберг изнесува 38,1 милијарда долари. Пикот на неговото богатство во септември 2021 беше на 142 милијарди долари. Ова е најголем пад на вредноста меѓу најбогатите.

Приходите на Мета се паднати за 4,5% во споредба со пред една година, а ова втор по ред квартален пад на приходите, откако претходно во цело свое постење немаше ниту еден пад.

Најголемата дупка во финансиите на Мета доаѓа од инвестициите во Риалити лабс, компанијата на Мета задолжена за Метаверс. Во извештајот на Мета од средата стои:

„Очекуваме оперативните загуби на Риалити лабс во 2023 значително да се зголемат во споредба со оваа година. По 2023 очекуваме стапка на инвестиции во Риалити лабс со кој можеме да ги постигнеме нашите цели за севкупен раст на оперативниот приход на нашата компанија на долг рок.“

Самиот Закерберг порачува дека инвестициите што ги имаат во Метаверсот во моментот не се целосно видливи и дека таму компанијата работи на нешто што не го прави никој на светот.

По објавувањето на извештајот во средата, вредноста на акциите на Мета падна за 25% и денес се тргуваат за околу 100 долари по акција, што е најниска цена од 2016. Највисоката цена што ја имаат достигнато акциите на Мета е 382 долара.

Аналитичарите објаснуваат дека моментално никој не ги купува очилата за виртуелна реалност што ги продава Мета, единствениот опиплив производ од Риалити лабс, како и тоа се дека се дур Риалити лабс продолжува да губи пари, инвеститорите ќе продолжат да бидат нервозни.

28 октомври 2022 - 12:25