За да не бидете посиромашни, мора да бидете сиромашни

Јасната економска математика покажува дека колку повеќе луѓето инсистираат да го задржат својот економски статус со зголемување на платите, толку повеќе придонесуваат кон растот на инфлацијата. Решението е или да се откажат од повисоки плати или да се откажат од пониска инфлација.

Уште пред неколку години кога се крчкаше глобалната криза, советот на британските финансиски експерти беше дека трката меѓу платите и цените никогаш не може да биде добиена од платите, туку дека решението е народ да сфати дека нема да може да продолжи да живее како до тогаш.

Фалејќи го успехот на Централните банки на Западот, запирањето на растот на цените на 10,7% и негово симнување на 5,4% годишно, Економист објаснува дека сега следува најтешкиот дел, инфлацијата да падне од 5,4 на посакуваните 2%. Тешкото е што „пазарот на труд не соработува“.

Изминатите неколку години работодавците се во постојана потрага по работници што доведува до недостаток на работна сила на Западот, заради која работниците бараат и добиваат покачувања и поголеми плати. Заради ова растот на платите на Западот речиси се дуплира од 5-те проценти годишно од пред ковидот, што ги зголеми трошоците на компаниите, што пак ги зголеми и крајните цени.

Математиката е дека со слабиот раст на продуктивноста, симнувањето на инфлацијата на само 2% годишно може да се постигне само ако растот на платите се симне на 3% или помалку. Банкарите се надеваа дека со зголемување на каматните стапки, ќе падне и побарувачката за работници, што ќе ги симне платите без притоа премногу да настрада животниот стандард.

Првиот дел од планот успева па сега во развиениот свет побарувачката е само 0,4% повисока од понудата, што се смета за сериозен пад од пикот од 1,6%. Во исто време помалата побарувачка предизвикала „изненадувачки малку штета на шансите за вработување“.

Проблемот е кај последниот дел од планот, бидејќи Западот и понатаму има висок раст на платите, од 4,5% во САД или 6% во Британија, што не е компатибилно со таргетот од 2% инфлација годишно.

„Подарежливи колективни договори за плата би можеле да доведат до повисока инфлација утре, што ќе доведе до уште подарежливи колективни договори. Низ богатиот свет штрајковите стануваат уште почести, бидејќи работниците бараат повисоки плати. Минатата години САД изгубија 17 милиони работни денови заради прекин на работа, што е повеќе од претходните 10 години заедно. Британија исто така има раст на работничката активност.

Сепак има и пооптимистичка интерпретација на овие случувања. Како и во 2021-2022, кога платите почнаа да растат по зголемувањето на побарувачката на труд, така и денес ним им треба време за да го изгубат залетот. Сепак компаниите и работниците не ги преговараат платите на редовни интервали, што значи дека работниците поспоро сфаќаат дека немаат толкава предност во преговори како претходно.

Проценките за САД покажуваат дека може да биде потребна година или такво нешто за намалената побарувачка за труд да почне да резултира со помал раст на платата, што покажува дека последната фаза од намалувањето на инфлацијата ќе биде досадно бавна, но ќе мине,“ пишува Економист.

31 јануари 2024 - 11:38