Русија ќе ги купува фирмите што не сакаат да работат во Русија

Наместо досегашното продавање на купувачот со најдобра понуда, западните компании што ќе сакаат да го напуштат рускиот пазар во иднина ќе можат да бидат купени од руската држава по повластена цена одредена од државата.

Кремљ нарачал воведување на нов закон со кој западните компании во Русија ќе можат да бидат присвоени по багателни цени, како одговор на одлуката на западните држави да запленуваат руски имот.

Според Фајненшл тајмс планот е на руската држава да и се даде приоритет во купувањето на западни компании и друг имот по „значителен попуст“ за подоцна истите да можат да бидат продадени со профит.

Кога не е државата во игра, тогаш од руските купувачи на западен имот во земјата ќе се бара тие да бидат целосно во руска сопственост, и да исклучуваат какви било странски акционери, што дополнително ја комплицира процедурата за излегување од рускиот пазар.

Портпаролот на Путин објаснил дека иако западните компании се повеќе од добредојдени во Русија, сепак земјата мора да се одбрани од оние компании што изненадно престануваат да исплаќаат плати или решиле преку ноќ да ја напуштат земјата.

Луѓето од рускиот врв уште од почетокот на војната во Украина и санкциите против Русија предлагаа национализација на западните компании во земјата, но тоа до сега беше употребено само во ретки случаи, главно како одговор на запленување на руски имот во странство.

Меѓу најгласните за ограничување и спречување на егзодусот на западните компании е гувернерката на централната банка Елвира Набиулина, која стравува дека тоа ќе ја ослабе рубљата и ќе ги ограничи опциите за руските инвеститори.

Според сегашните критериуми кои беа објавени во декември, од западните компании се бара да им дадат попуст на руските купувачи од најмалку 50% од нивната вредност, и во рускиот буџет да дадат „доброволен“ прилог од меѓу 5 и 10 проценти од договорената цена.

16 јуни 2023 - 15:22