Русија ја заврши 2022 побогата од што ја почна

Додека низ Украина се разгоруваше војната, Русите успеале да додадат 600 милијарди долари на своето вкупно богатство, додека САД и Европа изгубија илјадници милијарди долари, тврди швајцарската УБС во својот годишен Извештај за глобално богатство.

Во 2022 бројот на руски милионери пораснал за околу 56.000 и државата има 408.000 милионери, додека бројот на ултра богати - луѓе со над 50 милиони долари - пораснал за 4.500.

Во истиот извештај УБС тврди дека САД минатата година изгубил повеќе богатство од која било друга држава, завршувајќи ја 2022 со минус од 5.900 милијарди долари. Минусот на Северна Америка + Европа, колективно е 10.900 милијарди долари.

Исто така на крајот од 2022 имало и 1 милиони помалку американски милионери, но и понатаму на САД отпаѓаат над 50% од ултра-богаташите во светот.

Рускиот скок на богатството се случува во време на најтешки санкции против државата и сериозни финансиски удари како за рубљата, така и за берзата. Процената е дека скокот се должи на зголемените цени на енергенсите.

Значително богатство минатата година додале и Мексико, Индија и Бразил, додека најголеми лузери, освен САД, се Јапонија, Кина, Канада и Австралија.

17 август 2023 - 13:06