Луи Витон му штети на Луи Витон

Во исто време додека Керинг, мајката компанија на Картие, Бурбери и Гучи, има раст на акциите од 20%, акциите на Моет Хенеси Луи Витон од почетокот на 2013-та едвај успеаа да стигнат до +4%.

Повеќе од две децении токму Луи Витон вади 50% од продажбата на компанијата и го зголемува нејзиниот раст за околу 20% годишно.

Една од анализите за годинешниот неуспех е дека на луѓето и пукнал филмот од Луи Витон, поточно од нивното лого, кое го има насекаде.

"Класичното лого кое се користи за брзо освојување на пазарите во развој околу светот, изгледа дека ја потроши својата моќ. Чантите на компанијата и останатите кожни производи денес се толку сеприсутни што тие почнаа да симболизираат 'достапен луксуз' наместо 'ексклузивен луксуз.' Проблемот е што Луи Витон не се продава како достапен бренд, нивните чанти се далеку поскапи дури и од оние на Коуч или Мајкл Корс," пишува Роберто Фердман за Кварц.

Самиот проблем со логото го имаат сфатено и од Луи Витон и веќе најавија дека планираат да ја намалат видливоста на монограмираните луксузни производи. Она што ќе биде проблематично во целата постапка е што речиси две третини од производите на компанијата на себе го имаат логото.

Во меѓувреме додека да го реши ова, компанијата одлучи повеќе да оди на зголемување на цените, наместо на бришење на логото, во обид да ја зголеми ексклузивноста на брендот.

17 октомври 2013 - 14:35