Како Ексон помогна за ирачки Курдистан

Во 2009-та Ексон потпишува 25 милијарди долари вреден договор за развивање на Западна Курна, едно од најголемите нафтени полиња на југот на Ирак. Во 2011-та тие како советник го ангажираат човекот кој бил специјален асистент на 5 американски амбасадори и 3 американски генерали во Ирак. Неговиот совет - бегајте на север.

Човекот е Али Хедери, американец со ирачко потекло. Тој уште во 2011-та предвидува дека под власта на ал-Малики Ирак, посебно југот го чека само зголемување на немирите и тотално парализирање на Багдад. Неговата алтернатива е Курдистан, полу-автономен регион во северен Ирак, кој е политички стабилен, далеку од хаосот на југот и има нафтени резерви од околу 45 милијарди барели. Една година подоцна Ексон потпишува договор со Курдистан. Договорот ги збеснува и Багдад и Вашингтон.

Уште од соборувањето на Садам во 2003-та, сите кои дојдоа да владеат во Багдад беа едногласни дека компаниите кои сакаат да имаат пристап до богатите нафтени наоѓалишта на југот, не смеат да потпишуваат никакви договори на северот од земјата – ирачки Курдистан. Стравот е дека ова ќе значи одливање на милијарди долари од буџетот на земјата и засилување на сепаратизмот кај Курдите.

Кон крајот на 2010-та Ексон почнува да се врти кон Курдите. Тие го ангажираат Хедери, кој претходно поднесе оставка во американската администрација. Хедери има уникатна позиција бидејќи е во врвот на ирачката политика од 2003-та, и во исто време ги познава сите американци функционери во Багдад и сите ирачки лидери.

Компанијата ја добива идејата за влегување во Курдистан по состанок меѓу ЦЕО-то и мал тим вработени во Ексон. Во тимот е и Хедери.

"Му кажав се што мислев дека ќе се случи во Ирак. Му реков дека ако сака да има контрола на ризикот, последно место на кое би сакал да биде е Багдад или јужен Ирак," предупредил Хедери, според кој овие зони се преплавени со шиитска милиција која убивала американски војници. Наместо тоа тој го предлага Курдистан.

Кратко по ова Хедери се слуша со шефот на кабинетот на претседателот на Курдистан и договара состанок. Двете страни тајно се среќаваат во Лондон, Дубаи и Арбил. Во исто време Курдите имаат состанок и со Шел, кој инаку е партнер со Ексон во проектот за развивање на нафтеното поле Западна Курна, плус двете компании заедно преговараат, бидејќи сметат дека така ќе му биде потешко на Багдад да ја прекине соработката со која било од двете страни.

Преговорите за малку прекинуваат кога се дознава дека Курдистан продал два нафтени блока на американската компанија Хес. За да ги смири Ексон и Шел курдистанскиот претседател им ветува подобри услови за потпишување договор.

Договорот треба да се потпише во средината на октомври, меѓутоа тоа се компликува бидејќи Шел е во крајните фази од преговорите со Багдад, за 17 милијарди долари вредниот договор за пристап до природниот гас на југот од земјата.

Курдите и двете компании се среќаваат во Виена. Ексон потврдува дека се решени да потпишат, ама Шел не се толку сигурни. Она што Ексон и Курдите не го знаат е дека во моментот ЦЕО-то на Шел е во Багдад на состанок со ал-Малики и го затвора договорот за природен гас. Три дена пред да го потпишат договорот со Курдите, Шел му кажува на Ексон дека повеќе не се заинтересирани.

И покрај ова делегација на Ексон оди во Арбил и го потпишува договорот. Компанијата добива шест блокови, расфрлани на неколку стратешки позиции низ Курдистан. Еден е на границата со Турција, друг е во близина на границата со Ирак, а три се на линијата која го одделува Курдистан од остатокот од Ирак.

Кога се дознава за договорот Багдад и Вашингтон збеснуваат. Ал-Малики му пишува писмо на Обама во кое бара да му нареди на Ексон да го поништи договорот, а во исто време директорите на Ексон се викнати во Багдад за да ја објаснат својата одлука. Вашингтон е гневен затоа што целата стратегија на САД е изградена на поддршката на политиката на Малики за "еден Ирак," како обединета нација со една силна централна влада.

Во рок од неколку месеци Шеврон и Тотал потпишуваат договори со Курдистан, а подоцна следува и пакт со руски Газпром.

"Она што го врзува Курдистан со Багдад се парите. Колку повеќе независни извори на приходи имаат Курдите, посебно од енергетски ресурси, толку повеќе расте нивната желба за создавање поголема автономија ако не и независност од Багдад," изјави поранешниот американски амбасадор на САД во Сирија, Роберт Форд.

4 декември 2014 - 14:09