Хамас направил милиони кладејќи се дека израелските акции ќе паднат?

Во деновите пред нападот од 7 октомври на берзата во Њујорк вложени се огромни суми пари кои се кладат на тоа дека во скоро време вредноста на израелските акции ќе падне.

Поранешниот секретар на американската СЕК, Роберт Џексон, и експертот за инвестирање на берза, Џошуа Митс, изработија истражување во кое се сомневаат дека трговците кои ставиле пари против израелската берза најверојатно имале информација за претстојните напади.

Тие го следат инвестирањето во ЕИС, која е хартија од вредност што се тргува на њујоршката берза, а се опишува како еквивалент на директно инвестирање во израелската економија. Во исто време кладењето  против ЕИС е кладење против израелската економија.

Двајцата автори сметаат дека има силни индикации дека некој на њујоршката берза на почетокот од октомври очекувал да се случи катастрофа во Израел која ќе доведе до крах на најголемите акции. На 2 октомври некој или некои прават огромна трансакција против ЕИС. Дента обемот на трансакцијата е 227.000 акции, наспроти само неколкуте илјади акции во просечен ден, нешто што се смета дека е направено со знаење за некоја претстојна катастрофа.

Кладењето („shorting“) е метод во кој позајмуваш одреден број акции од некого, ги продаваш по актуелна цена, подоцна кога нивната цена ќе падне ги купуваш по пониска цена и истиот број на акции ги враќаш онаму каде што си ги позајмил, а разликата во цената ја задржуваш за себе.

На 11 октомври (првиот ден по масакрот кога американската берза е отворена) вредноста на ЕИС паѓа за 7,1 процент, а во 20-те дена по нападот ЕИС губи 17,5% од вредноста.

Ова значи дека ако трговците ја позајмиле акција од ЕИС и ја продале за 54 долари, тогаш по падот на израелската берза тие можеле истата да ја купат за 44,50 долари, да ја вратат од каде што ја позајмиле и да заработат 9,5 долари по акција. Друг сомнеж е дека 2 октомври е еврејски празник кога вообичаено ништо не се случува во Израел и ништо драматично не се очекува, и е период кога израелскиот индекс има нагорна линија.

Анализирајќи повеќегодишни податоци од перформансите на ЕИС, Џексон и Митс забележуваат дека слична активност имало и во април годинава кога се појавуваат гласини дека Хамас се подготвува за напад кој е откажан во последен момент.

„Џексон и Митс не тврдат дека информацијата потекнува од Хамас. Но информациите што ги собрале наведуваат на тоа. Хамас со месеци го планирал нападот а неговиот лидер, Јахја Синвар, изгледа дека не го планирал само тактичкиот аспект, туку и логистичкиот и финансиски аспект.

Ако е точно дека лидерот на Хезболах не знаел однапред за нападот на Хамас, тогаш не е Хезболах тој што се клади против Израел. Ниту Иран, според истата логика. Единствено истрага на властите во Израел и САД може да открие кој имал корист од овие трансакции,“ пишува Идо Баум во текстот за Хаарец.

5 декември 2023 - 13:54