Америка за прв пат достигна долг од 31 илјада милијарди долари

Под заштита од ниските каматни стапки американското задолжување долги години се сметаше за одржливо. И тоа така тераше се до периодов кога каматните стапки почнаа да се креваат.

Минувањето на границата на 31.000 милијарди долари јавен долг на САД се случува во момент кога историски ниските каматни стапки се заменети со значително повисоки камати воведени од Федералните резерви во обид да ја спречат растечката инфлација.

„Загриженоста што ја имавме околу правецот на зголемено задолжување почнува да се покажува во реалност како што паралелно расте и нашата задолженост и нашите каматни стапки.

Премногу луѓе беа лагодни околу правецот на задолжување делумно и затоа што каматните стапки беа толку ниски,“ објаснува првиот човек на Питер Г. Питерсон фондацијата, Мајкл Питерсон.

Зголемените камати би додале дополнителни 1.000 милијарди долари на парите што американските власти треба да ги исплатат како камата до крајот на деценијава. Згора на ова се 8.100 милијарди долари трошок од задолжување што Конгресната канцеларија за буџет го предвиде во мај.

„САД ќе плаќаат повеќе за камати отколку за одбрана, ако каматните стапки во следните неколку години пораснат за само 1% над она што го предвиде Канцеларијата за буџет,“ проценува Њујорк тајмс.

За време на пандемијата американските каматни стапки беа симнати речиси на нула. Од тогаш тие се во постојан раст во обид да се смири потенцијално најбрзата инфлација во последниве 40 години. Каматите сега се меѓу 3 и 3,25 проценти, а до крајот на следната година, по ново, би требало да пораснат до 4,6 проценти. Претходните предвидувања беа 3,8%.

Проблемите со парите се станати еден од поголемите политички товари за Бајден кој имаше ветувања околу одржлив буџет и намалување на дефицитот за 1.000 милијарди долари.

Процената на Комитетот за одговорен федерален буџет е дека политиките на Бајден додале речиси 5.000 милијарди долари на дефицитот од неговото доаѓање на функцијата пред неполни 2 години. Меѓу нив 1.900 милијарди се од ковид чековите што им ги делеше на Американците, и уште 400 милијарди од простувањето на студентските долгови.

И покрај првичните триумфални изјави околу дефицитот, сега Белата куќа очекува дека дефицитот во следните три години ќе порасне повеќе од очекуваното, главно заради растечките каматни стапки.

Додека највисоките функционери на Бајден тврдат дека буџетот и инвестициите во него се фискално одговорни заради ниските каматни стапки, експертите им порачуваат дека не е мудро да се прават долгорочни задолжувања врз основа на краткорочни променливи каматни стапки.

„Во основа Вашингтон се даде на долгорочно задолжување и до сега имаше среќа да се извади благодарејќи на ниските каматни стапки.

Меѓутоа од Финансии никогаш не ги врзаа тие ниски каматни стапки на долг рок, и сега растечките камати може да се судрат со ескалирачкиот долг што ќе има страшно скап исход,“ објаснува Брајан Рејдл од Менхетен институтот.

6 октомври 2022 - 12:06