Преку Дрина до вакцина

Барем 30 години, уште кога Црвена Ѕвезда ја играше легендарната сезона 1990/91 кога добутка до титулата првак на Европа, во Белград се немаат слеано толкав број луѓе од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, како минатиот викенд. Овојпат причина не беше спортот туку борбата за здравје и гол живот.

Организацијата „Обединети против ковид“ ја критикуваше одлуката со која за три дена беа вакцинирани 22.000 странци, со оценка дека не постои ниедна земја на светот во која денес се случува нешто слично. Барем некои од нивните забелешки стојат, како онаа дека е нелогично среде епидемија, странски државјани масовно да влегуваат во Србија и да се шетаат по неа, а да немаат доказ (ПЦР тест) дека не се заразни. Точно е и дека и онака преоптоварените здравствени работници кои за викенд вакцинираа странски државјани беа изложени на дополнителни напори, и дека кампањата за вакцинирање на домашното население оди килаво и дека антиваксерските трибуни секојдневно се произнесуваат по „државните“ медиуми. Можеби беше можно вакцините да се донираат на странски држави, што ќе го намалеше ризикот од зараза на територија на Србија. 

Но, би се рекло дека сите овие, а и други забелешки, паѓаат пред длабоко искрените изливи на благодарност на луѓето кои тие денови примија вакцини во Србија. Потполно е небитно и дали власта со ваков потег сакаше само да си го подигне рејтингот во регионот, во ситуација кога е проценето дека Србија и онака ќе мора да уништи 20.000-25.000 вакцини АстраЗенека на кои им истекува рокот на почетокот на април, или пак, се работеше за вистинска солидарност и желба односите во регионот барем малку да се опуштат.

Едно од тврдењата на „Обединети против ковид“ сигурно не е точна, онаа дека „не постои ниедно прифатливо рационално, стручно па дури ни човечко објаснување за ваквото постапување на одговорните.“ „Регионалниот саем на вакцини во Белград“ сигурно имаше човечко објаснување - десетици илјади луѓе се вратија дома вистински среќни и благодарни затоа што веруваат дека им е овозможено да го сочуваат здравјето и животот, без никакво барање да дадат нешто возврат. Малку ли е тоа, на просторите во кои последните неколку децении „прекуграничната“ омраза беше правило а не исклучок. Толку е тоа ретко што обично се врзува за солидарност во тагата заради смрт на некој општоприфатен, како Ѓорѓе Балашевиќ неодамна.

А уште ако некој од жителите на Србија, кој „принципиелно“ се противи на вакцинацијата, гледајќи ги пресреќните луѓе кои во Србија дошле затоа што во нивните држави нема доволно вакцини, се замисли над своите ставови, ете и дополнителна корист.

Момир Турудиќ

30 март 2021 - 16:40