Кој може да биде Грк?

Не е лесно да си Македонец во Грција, ама има и луѓе на кои им е бетер. Отприлика еден милион луѓе.

Под водство на премиерот Андонис Самарас, Грција ги урива и оние малку слободи кои се чинеа извојувани за време на претходната влада.

Откако Самарас тоа го најави уште во кампањата, судските инстанци неодамна го поништија законот за имигранти воведен од министерот на ПАСОК, Јанис Рагусис со кој се олеснуваше процедурата за добивање грчко државјанство на луѓето кои легално престојуваат во земјата.

Тој закон беше донесен во 2010-та и го правеше процесот транспарентен и процедурално јасен, првпат во земја во која ако не ги поткупиш вистинските луѓе, се чекало и по 10 години за воопшто да ти биде разгледана апликацијата за државјанство.

Во 11 милионската Грција постојат околу еден милион луѓе кои легално престојуваат таму, главно од Азија и Африка. Нивните деца, кои се родени и живеат во Грција, сакаат да станат грчки државјани но по поништувањето на законот, правно се наоѓаат во ничија земја.

Конзервативниот Самарас планира да го воведе легислатива која од имигрантите ќе бара да докажат "автентична врска со Грција" за да можат да станат нејзини државјани.

21 годишната Џеки Абулимен (на сликата) е родена и одрасната во Атина а нејзините родители се сретнале за време на студии во Грција. Вели дека за Грците "странците секогаш биле нешто негативно и заканувачко". И таа поднела апликација за време на либералниот закон но сега сите случаи како нејзиниот се во правен вакуум.

Првиот човек на Хеленската лига за човекови права објаснува дека Самарас е политичар кој верува дека грчката националност е специјална привилегија, изведена од вековната историја и оттука, овозможувањето на други да станат Грци може да ја разбие ваквата ексклузивност. "Тој верува дека националноста се темели на расна припадност," вели Димитрис Кристопулос.

Матрицата на политичарите од типот на Самарас има темелни упоришта во општата слика на Грците за себе, слика во која историските победи од Антиката или подоцнежните порази во Мала Азија се чувствуваат како жив дел од своето актуелно секојдневие.

24 февруари 2013 - 20:15