Дали ЕУ навистина донесе пакет за пресврт на Западниот Балкан?

Ние ќе ви дадеме нешто пари за вие да си играте мини Шенген и малку да подзаборавите дека не ве примаме во друштво а сиромаштијата во регионот се остава во рацете на властите и ним блиските олигарси. Закони со европски знаменца тука не помагаат.   

⇒ Има толку непознати работи во врска со планот (Економско-инвестициониот план за Западен Балкан - н.з.) што треба да се биде претпазлив во проценката на неговите домети. Тој предвидува инвестиции од околу 9 милијарди евра за шест држави од регионот кои имаат вкупно 18 милиони жители. Притоа, не е јасно колку од тоа ќе бидат грантови а колку кредити. Од друга страна, Хрватска, која има 4 милиони луѓе, во наредните седум години од ЕУ ќе добие неповратни 20 милијарди евра за вложување на нивната економија. 

⇒ Еден од претходниците на комесарот Оливер Вархеји, Штефан Фуле, ветуваше дека преку вложувањата на ЕУ ќе бидат привлечени дополнителни 10 милијарди евра капитални инвестиции за Западниот Балкан. Немам забележано дека то се оствари.

⇒ Западен Балкан годишно би требало да расте со стапка од 6% за после 30 години да дојде до просекот на ЕУ. Земјите од регионот немаат доволно акумулација за сами да произведат таков раст. Потребни им се странски вложувања и неповратни финансиски средства за да го забрзаат развојот. Повторно ќе ја споменам Хрватска која 80% од своите јавни инвестиции ги финансира преку неповратна помош од ЕУ. Западен Балкан тоа може само да го сонува. 

⇒ Владеење на правото не се создава со механичко усвојување и примена на нови закони. За владеење на правото, потребно е општеството да биде самостојно во однос на државата и владејачките партии. Тоа значи независност на правосудството, слобода на изразување на цивилното општество и медиумите, а луѓето, поединечно, да не им должат за својата работа и својот имот на властите и политичките партии. Средниот слој во регионот сè повеќе се тенчи бидејќи општествата се делат на огромен број доста сиромашни луѓе кои во сè зависат од властите и на еден мал дел олигарси кои во спрега со владејачките кругови го пљачкаат мнозинството, а дел од тоа го делат преку корупција и организиран криминал. 

⇒ Економските врски на регионот со ЕУ се исклучително силни, првенствено со Германија и Италија  и тие не можат одеднаш да се заменат со унапредување на односите меѓу Белград, Сараево и Скопје. Регионот е „мекиот стомак“ на ЕУ. Третирањето на регионот како нешто надворешно не води кон ништо.

од интервјуто на Душан Рељиќ за Дојче Веле

8 октомври 2020 - 12:48