Балканот ќе остане со многу историја а со малку луѓе

Балканот подолго време се наоѓа во „квака 22“ ситуација: за да го стигне развиениот остаток од континентот, неопходни му се млади, талентирани и вредни луѓе. А од Балканот заминуваат млади, талентирани и вредни луѓе.

Демографски премерувања на Балканот не се едноставни, што заради нефункционалните држави што заради заплетканата историја. Српски шофер не мора да ѝ каже на својата држава дека шпарта по Германии, половина од оние со хрватски пасош на Запад се од Босна, Молдавците се со романски документи а најкутрите држави немаат ни попис.

Но и од оние податоци кои се имаат, јасно е дека популацијата на Балканот се намалува а населението старее. Србија можеби веќе догодина ќе има повеќе пензионери отколку луѓе во работоспособни години.

На кратковидите актуелни влади не им пречат ваквите трендови бидејќи им ги намалуваат стапките на невработеност. „На долги патеки, тие трендови се катастрофални“, вели за Економист српскиот демограф Владимир Никитовиќ кој појаснува дека секоја година Србија ја напуштаат околу 50.000 луѓе а од приливот на луѓе, 10.000 се пензионери кои работниот век го заокружиле на Запад па се враќаат во стариот крај за во него да ја поминат есента на своите животи.

Според сегашните проценки, во 2050 година Бугарија ќе има 39% помалку луѓе отколку што имала во 1990 година. Цел регион е со ниска стапка на наталитет (Босна 1,3 деца, Хрватска 1,4) а Косово го има најмладото население со просечна возраст од 29 години, наталитетот е 2 (нешто под стапката на проста репродукција) но и таму тој опаѓа.

Ниски стапки на наталитет имаат и земји како Шпанија, Италија и Грција, но тие привлекуваат голем број имигранти. Во Полска, дупката од еден милион заминати Полјаци ја пополнија еден милион Украинци. 

Балканот е на самиот крај на ланецот на исхрана и нема од каде да очекува „свежа крв“. Ирци ќе запукаат накај Америки ама хрватски келнери ќе им ги пополнат кафеанските потреби. Кај Хрватите ќе дојдат македонски келнери а кај нас, не сме сигурни дека и Авганистанци од пештери би сакале да останат. 

Откако за потребите на европскиот пазар Балканот ќе биде исцеден од луѓе, дури тогаш овој регион ќе стане вистински проблем за Европа. Само што ќе биде доцна за било какво сеирење. Можеби ЕУ дотогаш ќе ја нема, а нас сигурно.

18 септември 2020 - 11:12