Пакистанецот со дрвени скии стигна до Сочи

Мухамад Карим, дечкото што како мал тренирал со рачно изработени дрвени скии, си го исполни својот сон да настапи на Зимски Олимписки игри, а успеа и да ја заврши велеслаломската трка.

Запознајте го Мухамад Карим, 18-годишниот скијач од Пакистан кој е единствен претставник на оваа земја во Сочи и само втор Пакистанец во историјата кој успеал да настапи на Зимски Олимписки игри.

Тој израснал во планините во северниот дел од Пакистан каде има многу снег, но нема услови за скијање. Таму нема жичари, нема ски-лифтови, нема патеки, па дури нема ни скии.

Заради големиот снег во зимскиот период, училиштата се затворени, па децата си наоѓале разни занимации за да го пополнат своето слободно време. Карим решил да скија.

Проблемот со скиите му го решил чичко му кој рачно му изработил скии од дрво и Карим секојдневно скијал на околните ридови.

Пред неколку години пакистанската авијација решила да оформи ски федерација и започнала да организира локални натпревари каде и го откриле Карим.

Тие решиле да ја спонзорираат обуката на Карим и го пратиле на неколкудневни тренинзи во Јапонија и Австрија.

Со многу труд тој успеа да го исполни својот сон и стигна до Сочи каде беше знаменосец и единствен претставник на Пакистан.

Неговата желба беше да се пласира помеѓу првите 50 на велеслаломот, но на крајот заврши на 71-та позиција на трката на која нашиот претставник падна по половина минута.

21 февруари 2014 - 09:59