Ефремов со нов личен рекорд во Лондон

Конечно еден македонски спортист кој не разочара во Лондон. На осмиот натпреварувачки ден на Олимписките игри настапи и атлетичарот Кристиан Ефремов кој на трката на 400 метри постави нов личен рекорд.

Личниот рекорд на Ефремов (48.26 секунди) беше четврто најслабо време од 52 пријавени атлетичари за оваа трка, но тој успеа да истрча со време 47.92 и заврши на седмата позиција во четвртата квалификациска група. Трката ја завршија вкупно 47 атлетичари, а Ефремов го освои 44-то место.

Ефремов е единствениот македонски олимпиец кој го даде максимумот и го подобри својот рекорд за 34 стотинки, а заостана зад македонскиот рекорд кој изнесува 46.27 секунди и датира уште од 1983-та година.

Светскиот рекорд во оваа дисциплина го држи Мајкл Џонсон кој на Светското првенство во 1999-та година во Севиља истрча со време 43.18 секунди.

4 август 2012 - 12:08