Девојката која твори историја - од квалификации стигна дури до полуфинале на Ролан Гарос

Ролан Гарос е еден од најубавите тениски турнири затоа што секоја година инспирира нови приказни со тенисери и тенисерки за кои светот до тој момент не слушнал. Во една таква бајка живее Аргентинката со украинско потекло.

Надја Подорошка има 23 години и до пред неколку дена беше тотален анонимус во тенискиот свет. Во рок од неколку недели Аргентинката:

- првпат за 4 години се најде во главниот ждреп на еден Гренд Слем и првпат во кариерата помина прва рунда;

- стана првата Аргентинка после 6 години која влегла во трето коло на Гренде Слем, прва во 9 години која стигнала во 1/8 финале и прва во историјата која стигна во полуфинале;

- на пат кон големото полуфинале кое се игра денес (противничка ќе и биде уште едно чудо од дете - Ига Свонтек од Полска) таа ги елиминираше Путинцева (четвртфиналист на УС Опен) и 5. рекет во женскиот тенис Свитолина. Претходно Подорошка не победила ниту една ривалка од Топ-50;

- Надја веќе заработи 500.000 долари а севкупно до денес во кариерата заработила 300.000 долари;

- Се запозна и со идолот од детството Габриела Сабатини која исто на својот дебитантски Ролан Гарос стигна до полуфинале а потоа направи голема кариера и заврши во Куќата на славните.

Надја Подорошка е родена во Росарио, градот на Лео Меси. Тенис игра од свои 5 години. Таа е внука на Украинци од Киевска област. Ја крстиле Надја во чест на славната романска гимнастичарка Команечи. Во татковината е позната под прекарот „Русинката“ откако во 2012 година за изданието Diario La Capital ја нарекле „Русинката од Розарио“.

Во првата недела од Ролан Гарос на прашањето знае ли руски, таа одговорила „Не знам“.

Украинската дијаспора во Аргентина, според разни податоци се движи од 250.000 до 500.000 луѓе (оваа Јужноамериканска земја има 45 милиони жители). Првите доселеници дошле на крајот од XIX век.

Надја во 2018-та година се преселила во Шпанија за да биде поблизу до тениските случувања:

„Во Јужна Америка има многу малку турнири и се играат еднаш на три месеци, така што ако останев дома ќе беше тешко да напредувам на рејтингот. Позајмив пари да се преселам во Европа, но набрзо од заработка од турнирите собрав доволно финансии. Изнајмував станови на Airbnb заедно со други тенисерки зошто не можев да седам во хотел за 90 долари од вечер“, раскажала Надја Подорошка.

Дури и кога освоиле две ITF титули во 2019-та година, таа рекла дека и е потешко од тенисерките од Европа.

„Тие одат со физиотерапевти, престојуваат по хотели, а кога губат, си одат дома“, додала Надја.

Таа ова лето се вратила дома во Јужна Америка за да игра на Панамериканските Игри.

После карантинот се вратила на турот, во Палермо и Прага каде победила на 9 меча и влегла во Топ150. На трите квалификациски дуели на Ролан Гарос изгубила само 14 гејма (најмалку од сите учеснички кои играа квалификации во Париз). Потоа совлада дури пет подобро рангирани тенисерки. Нејзиниот успех вели дека е благодарение на добриот локдаун:

„Во последните месеци играв многу посамоуверено. Со тренерите работевме цели три месеци напорно и знаев што можам. Убаво е да се појавиш на турнирите. Во 2016 бев многу млада и сама не знаев што можам. Сега верувам во себе, во работата која што ја извршив. На терен не сум слаба, напротив мирна сум. Тоа ми е главна промена во играта“.

8 октомври 2020 - 14:26