Бараж за СП 2017

За пласман на Светско ќе бркаме 7 гола во Скопје

Неверојатниот чешки голман Мартин Галија имаше 18 одбрани и беше најзаслужен за тоа што Чешка попладнево ја победи Македонија 28:22, во баражот за Мундијалот во Франција догодина.

Ако баражот по играта во првиот меч се познава, нашите ракометари во реваншот ќе имаат исклучително тешка задача во Борис Трајковски.
 
Натпреварот во Злин попладнево започна со гол на Лазаров од седум метри и се до 15-та минута од првиот дел имавме предност од еден гол. Чесите, на крилјата на полната села направија серија од 3-0 и веќе во 19-та минута водеа 8-6. Филип Миркуловски погоди од далечина за да го одржи нашиот напад во ритам, а набрзо Ѓеоргиевски израмни на 8-8. Од тој момент Чесите на два пати имаа по два гола предност, а по серијата 4-0 во 25. минута Бечвар и Согол ги поставија највисоките 13-9.
 
За разлика од чешкиот ветеран на голот кој имаше дури 8 одбрани во првиот дел, Борко Ристовски одбрани само еден удар. На полувремето се замина со 14-10.
 
Никаква промена во играта не донесе ниту стартот на вториот дел. Цели осум минути му требаа на Борко Ристовски да ја запише само втората интервенција (мизерни 6% одбрани до тој момент). Чесите лесно решаваа во нападот, наидуваа на порозна одбрана и во 45. минута заминаа на 22-17, а на две минути пред крајот на семафорот стоеше +7 за домаќините. Миркуловски и Ојлески за момент ја намалија предноста, но Бабак го затвори мечот 28-22.
 
Кире Лазаров беше прв стрелец со осум погодоци, а Миркуловски и Георгиевски дадоа четири. Кај Чесите најефикасен, прв стрелец беше Здрахала со шест голови а Стехлик и Бабак дадоа по пет. Мартин Галија одбрани 19 удари и беше играч на мечот.
 
Реваншот Македонија - Чешка се игра во среда во Борис Трајковски во Скопје со почеток од 20:00 часот.