Eдна поинаква реформа

Учење по теми, а не по предмети

Без секирации, ова не е најава на уште една реформа на нашиот образовен систем, за којшто не можеме ни да претпоставиме кога би созреал за една ваква не бирократска, туку длабока концептуална промена. Без страв од рушење на својот актуелен висок образовен углед, оваа реформа ја спроведува - Финска.

Со години Финска е симбол на успешен образовен систем и ги зазема првите места во меѓународни рамки по писменост и математички способности на нејзините ученици. Само далекуисточните земји како Сингапур и Кина ја надминуваат оваа нордиска нација во влијателната Програма за меѓународна проценка на учениците (PISA). Политичари и образовни експерти од целиот свет одат на аџилак во Хелсинки со надеж дека ќе ја ископираат успешната формула.

Ама Финците, ербап народ, не тераат на стара слава, туку деновиве почнуваат да спроведуваат голема образовна реформа, бришејќи го принципот на „учење по предмети" и заменувајќи го со „учење по теми".

Засега проектот е лоциран само во средните училишта во Хелсинки, каде класичните лекции се претворени во интердисциплинарни предавања за одредени феномени или концепти. На пример, ако некој во средно угостителско сака да научи повеќе за „служење во кафетерија" тој ќе одбере таков курс којшто во себе ќе вклучи елементи на математика, јазици (за служење странски гости) и комуникациски вештини. Друг курс пак, посветен на ЕУ би вклучил елементи на економија, историја, јазици и географија.

Не се менува само содржината на она што се предава, туку и целата поставеност на системот - групите ученици се смалуваат, се поттикнува соработка помеѓу нив, но и помеѓу самите наставници, кои во ваква интердисциплинарна атмосфера ќе мора тимски да ги планираат курсевите. Нормално, дури и во Финска тие не се стопроцентно подготвени да си ја променат професионалната рутина, којашто според нив сосема добро си функционира. Но авторите на овој проект, како и државните институции одговорни за негово спроведување се одлучни, и велат дека до 2020 тој ќе ја опфати цела Финска.

21 март 2015 - 15:26