Ракометна Лига на шампиони

Вардарки одат по европскиот трофеј

Ракометарките на Вардар попладнево загубија 28:26 во формалниот реванш со Ларвик во Норвешка, но по 14-те голови предност во Скопје пласманот на четвртиот Фајнал фор по ред не се поставуваше.

Убедливата победа во Скопје од неверојатни 14 голови разлика беше убава подлога за Вардарки во Норвешка да отпатуваат туристички.

Ларвик подобро го отвори денешниот меч со 2-, па 4-1, но Вардарки се вратија со головите на Ања Алтхаус да поведе и на полувремето да замине со 13-11.

Гостинките 40 минути играа добар ракомет, а потоа како да се опуштија свесни дека ќе треба да сочуваат сила за претстојните, многу поважни натпревари на европскиот фронт.

Во вториот дел, некаде од 40. минута Ларвик го презеде водството кое го чуваше во продолжение од мечот. Само 10 минути подоцна, Вардар успеа да го израмни резултатот на 20-20, но во тој момент тргна серијата на Норвежанките кои со серија 4-0 се одлепија и до крајот не го испуштија водството.

На крајот, конечни 28-26 и пирова победа на Ларвик, европскиот шампион кој во четвртфиналето беше запрен од ракометарките на Вардар.

Јованка Радичевиќ со 7 голови беше најфесикасна вечерва, Пенезиќ даде пет, колку што имаше и Барбара Лазовиќ. Вардар обезбеди пласман на Фајнал форот кој ќе се игра од 6. до 8. мај во арената Ласло Пап, каде Вардарки четири години по ред не успеваат да стигнат до трофејот.