Вардар го победи Будуќност во сенка на навивачките нереди

Во претпоследното коло од главната фаза во ЛШ, а првпат после цели две години Вардарки во Скопје го победија европскиот првак 26-24.

Големото дерби на женската Лига на шампиони меѓу Вардар и Будуќност остана во втор план, откако попладнево на Стража избиле крвави инциденти меѓу навивачите на Шкендија и Будуќност, а подоцна во Скопје и меѓу навивачите на Вардар и Будуќност.

Натпреварот во Јане Сандански започна со одлични одбрани на двете страни, поради што видовме релативно малку голови во првите неколку минути. Црвено-црните девојки направија серија 3-0, а во осмата минута водеа и со 4-2, но најдобрата ракометарка во Европа од пред некоја сезона Катарина Булатовиќ со два гола едно по друго израмни на 4-4.

Вардар имаше гол предност во продолжение од мечот, а на голот Амандин Лејно со одличните одбрани им даде самодоверба на своите колешки од нападот.

Будуќност преку репрезентативката на Црна Гора, Мајда Мехмедовиќ поведе со 2 гола 6-8, но до полувремето Вардарки успеаја да израмнат на 11-11 (Суслина одбрани пенал во последната секунда од првиот дел).

Црногорките во јак ритам го стартуваа и второто полувреме, водеа гол-два, но домаќинките не дозволуваа резултатско одлепување. Неизвесноста траеше до последните пет минути кога Вардар тргна на се или ништо и тоа му се исплатеше. Сираба Дембеле ја отвори серијата за Андреа Лекиќ со ефектни голови да ги постави конечните 26-24.

Во последниот натпревар од главната фаза во ЛШ, избраничките на Индира Кастратовиќ на 26 февруари му гостуваат на Савехоф.

На коло пред крајот од главната фаза, Будуќност е прва на табелата заедно со Ѓер со по 15 бода. ЖРК Вардар на третата позиција со 12 бода, а по нив следуваат Букурешт 9, Мидтјиланд 5 и Савехоф 2. Пласман во четвртфиналето на ЛШ обезбедуваат првите четири од двете групи.