Убедливо против Австрија, одиме на Словенија

Македонските ракометари триумфално ја завршија групната фаза, откако вечерва убедливо славеа против Австрија  36:31. Со осум бода од пет натпревари го потврдивме второто место и во недела ќе играме против Словенија во осминафиналето.

Црвено-жолтите одлично го отворија натпреварот и поведоа 3:1 со головите на Миркуловски, Лазаров и Прибак. Сепак, не реализиравме во следните два напади и Австријците преку Вебер и Херман направија пресврт и поведоа 4:3.

Гол за гол се играше до 14. минута од првото полувреме, кога нашите репрезентативци со серија погодоци повторно се одлепија на +3, 10:7. Ниту тоа не ја демотивираше Австрија, која преку Александер Херман се одржуваше резултатски во игра. И покрај тоа што до крајот на првиот дел во неколку наврати имавме позитива, на полувремето се замина со реми 16:16.

По првите 30 минути, нашиот капитен Лазаров со 5 погодоци беше најефикасен во нашиот состав, а Вебер со 7 голови не допушташе да се одлепиме.

Во второто полувреме влеговме максимално ангажирано и веќе по 10' минути игра имавме 4+ 24:20. Позитивата ја задржавме благодарение на Петар Ангелов, кој со 5 одбрани по ред им овозможи на нашите крила преку брзи контри да реализираат и да влезат во мирен финиш.
Победата ја потврдивме во 50. минута, на 10 минути до крајот, кога имавме 28:22, највисока предност од 6 голови.

Најефикасни во нашите редови беа капитенот Кире Лазаров, кој постигна 9 голови и заслужено ја доби наградата најдобар играч на мечот. Освен Лазаров, голем удел во триумфот имаа и Миркуловски со шест и Георгиевски и Манасков со четири. За одбележување се и осумте одбрани на Петар Ангелов - Диви, кој одлично ја чуваше мрежата.

Нашата селекција нема да има многу време за одмор, затоа што веќе во недела ќе игра во осминафиналето против Словенија, репрезентација која заврши како трета во групата А.