Станиќ и Вугринец во тимот на колото

Голманот на Металург се најде во тимот на колото благодарение на маестраелнаите одбрани, особено во второто полувреме кога по првите 20 минути Данците успеаа да му дадат само еден гол. Еден од најдобрите поединци на паркетот беше и Ренато Вугринец со 6 гола.

Во изборот за најдобри седуммина ракометари во последното коло од Лигата на шампионите, кој го направи ЕХФ, не е воопшто изненадување што го има Дарко Станиќ. Чуварот на голот на Металург во преполнетата сала „Борис Трајковски“ вчера на публиката и приреди вистинско шоу, бранејќи ги шутевите на гостите од сите позиции.

По првото полувреме во кое Сикелборг 14 пати го совлада голот на Металург, во вториот дел приказната беше сосема поинаква. На паркетот само една екипа играше ракомет, предводена од маестралниот Дарко Станиќ кој за 20 минути на данските ракометари им дозволи да погодат само еднаш. Тоа е податок кој покажува дека се работи за голман од светски калибар, кој само во второто полувреме имаше фантастични 14 одбрани.

Официјалниот спикер, миленикот на скопската публика го нарече новиот “Министер за одбрана“. За тоа е доказ податокот кој вели дека Металург ја има убедливо најдобрата одбрана во Лигата на шампионите, со само 215 примени гола, 27 гола помалку од второпласираниот Веспрем, и 34 гола помалку од третопласираниот Киелце.

Во изборот на најдобриот тим свое место најде и ветеранот Ренато Вугринец кој вчера имаше одлична партија со 6 постигнати гола.

Дарко Станиќ кој сосема залужено е во тимот на колото, се најде и во топ 5 листата на најдобри одбрани, а ЕХФ му ја додели првата позиција.