Солиден настап на децата на Кире, Македонија достојно загуби од Португалија

Македонската ракометна репрезентација живна после очајното Светско и со добра игра, на моменти со осцилации, му пружи голем отпор на фаворитот Португалија во третото квалификациско коло за ЕП 2024.

Селекторот Лазаров излезе со изменет состав за разлика од неодамнешното Светско, најмлад до сега. Португалија заврши на 13-та позиција на последниот Мундијал.

Поради повреда ги немаше Пешевски, Танкоски и Павле Атанасијевиќ, Талески не настапи поради приватни причини, а Манасков и Георгиевски не добија повик.

Мечот го почнаа лошо и двете селекции со многу грешки во напад што резултираше со резултат 1:1 после првите 6 минути игра.

Македонија имаше очајни 20 минути со само 2 гола од игра на Кузмановски и Џонов и уште 2 од пенал, но од 5 обиди на Кузмановски и Цветановски.

Во тие моменти при водство од 8:4 за Португалија, Лазаров свика тајм аут и побара поголемо трпение и помалку брзање во играта.

Тоа веднаш вроди со плод и нашите ракометари во последните 10 минути влегоа со поголема решителност и самодоверба која им недостасува во играта.

Ако во првите 20 минути дадоа само 2 гола од игра, поголемата храброст после тајм аутот им донесе 7 комада за 10 минути игра.

Македонија во последните мигови од првиот дел стигна до -1, но Георгиев доби исклучување, а гостите ја искористија предноста од играч повеќе и на пауза заминаа со предност од 11:14.

И покрај фаворитската улога на Португалија и големиот број на отсутни првотимци во нашиот табор, младите избраници на Лазаров не се предадоа и добро се носеа во вториот дел.

За одбележување е 45-та минута кога притиснаа и успеаа да стигнат до првиот пресврт. Кузмановски испука проектил од 9 метри за прво водство од 20:19.

Но радоста кратко траеше, а неискуството си го направи своето. Португалците брзо се консолидираа и ја вратија предноста од 3 гола која ја имаа најчесто на мечот.

Конечниот резултат 23:29 не го отсликува баш целиот впечаток кои го оставија момците.

Најпрецизни кај Македонија беа Филип Кузмановски и Мартин Серафимов со по 5 гола (сите од пенал), а Џонов го заврши мечот со 3. 

Во недела со почеток од 18:30, Македонија и гостува на Португалија.