Швајцарија лесен залак за Македонија

Ракометната репрезентација на Македонија победнички го стартуваше квалификацискиот пат за Еврошампионатот кој се игра во Полска во 2016 година. Првиот противник во „Борис Трајковски“ си замина дома со пораз од 27:20.

Натпреварот со гол од пенал го отвори Кире Лазаров, а по второто израмнување на Швајцарците за 2:2, нашите ракометари влегоа во серија и стигнаа до предност од 7:3.

Одговорноста во нападот ја презеде членот на Барселона кој запиша 6 од тие погодоци, 4/4 од пенал. Македонија прими два гола по ред, но потоа со играч помалку Манасков реализираше од контра за +3.

Нашите репрезентативци потоа одиграа цврста одбрана, а одличен во првиот дел беше и Борко Ристоски кој одбрани 9 удари од кои два седмерци. Обрван по дваесетина минути во игра го внесе Прибак кој веднаш влезе во ритам и со неговиот гол и додавањето до Никола Маркоски, Македонија имаше највисоки 10:5.

Падот на концентрацијата во нашиот тим Швајцарија го казни со серија од 3:0, но во последните минути од првиот дел Лазаров го реализираше и петтиот седмерец, а по него првиот гол на мечот го постигна Столе Стоилов за водство на полувреме од 12:8.

Македонија лошо го отвори вториот дел и прими 3 голови во низа, но во 40 минута гостите мораа да свикаат тајм-аут, бидејќи нашите ракометари со помош на расположениот Лазаров повторно се вратија на +5.

Швајцарците и понатаму немаа одговор за нашата игра која одеше течно во нападот, а со тоа растеше и водството. Со влегувањето во игра на Ренато Вугринец кој погоди од девет метри нашиот национален тим стигна до највисоки +8 на мечот и тоа беше само потврда за разликата во квалитет на овие две репрезентации.

Македонскиот репрезентативци се опуштија на крајот, но не ја загубија убедливата предност, а мечот како што почна, така и заврши со прецизен пенал вкупно деветти за Лазаров кој беше најпрецизен на мечот со 13 голови.

Втор стрелец во нашиот табор беше Манасков со 4 погодоци, а Борко Ристовски го заврши мечот со 15 одбрани.

Следниот меч Македонија го игра против Чешка на гости во недела со почеток од 13:30.

29 октомври 2014 - 19:31