Пораз на Металург со звукот на сирената

Ракометарите на Металург не успеаа да ја продолжат успешната серија по двете победи на домашен терен во Лигата на шампионите. Тимот од Автокоманда одигра уште еден одличен меч и беше блиску до бодови против Скејрн кој важи за фаворит во групата.

Феноменалните 16 одбрани на Даниел Дупљачанец и 11-те голови на Јанко Божовиќ не беа доволни за Металург да се врати со „златна“ победа од Данска, каде водеше тешка и неизвесна битка против Скејрн за врвот на табелата.

Натпреварот беше решен во последната секунда во која среќата беше на страната на домаќините кои славеа со 20:19 и сега се осамени на првата позиција во групата Д со 6 бодови.

Металург на почеток тргна лошо и во грч, но по негативата од 3:1, успеа да се избори за пресврт благодарение на Божовиќ кој одигра фантастична партија. Избраниците на Лино Червар имаа водство од +3, а испуштија прилика и за водство од +4. На пауза заминаа со предност од 8:10.

Лош старт Металурзите имаа и и во вториот дел, а потоа со голот на Костески ја вратија предноста од три гола разлика. Клучен момент за пресвртот на Скејрн беше кризата на Металург од 10 минути без постигнат гол.

Данците на 3 минути до крајот водеа со 19:17, но извонредниот Божовиќ даде два гола за израмнување и голема неизвесност во финишот. Во последните пет секунди Маџовски беше исклучен, а Јоргенсен погоди во самиот финиш.

Со две победи и два порази Металург е на делба на втората и третата позиција заедно со Мотор Запорожје. Во следното коло на 18 октовмри му гостува на романскиот претставник Баиа Маре.

Решавачкиот погодок на средбата

11 октомври 2015 - 17:02