Од северот ги криват браќата Начевски

Челните луѓе од ракометниот сојуз на Србија отворено ги обвинија судиите на мечот против Македонија и Драган Начевски кој ги делегирал нив.

Ден по нерешениот натпревар Македонија - Србија после кој нашите ракометари се пласираа во следната фаза, се огласи потпретседателот на УО на Ракометниот сојуз на Србија, Синиша Лазиќ.
 
Покрај честитките на своите репрезентативци на вложениот напор и големата борба на трите меча, Лазиќ остро го нападна Драган Начевски, шефот на судиите во ЕХФ.
 
Во соопштението се вели: 
„На наша голема жал, креаторите на неспортскиот дел во ракометот, олицетворени во шефот на судиите на ЕХФ, Драган Начевски кој со своето директно влијание по којзнае кој пат ја елиминираше нашата репрезентација од некое натпреварување, така што сосема сигурно уште пред патот за Полска ги одреди извршителите на нечесното дело, Хорачек и Новотни, беа посилни и од нашите сјајни репрезентативци.
 
Против неправдата овој пат не можеше. Таканареченото македонско-монтенегрински лоби повторно ни нанесе непроценлива штета само од нив познати причини.
 
Да потсетиме и дека во полуфиналето на СП во Франција со Шведска, кога „црните да поцрни не може да бидат“ браќата Начевски нè завија во црно и директно не оневозможија да бидеме светски прваци. Драган Начевски како делегат во Ниш против Исланд пред пар години повторно нè елиминираше кога ни поништи чист гол, токму пресудниот кој нè водеше на големо ракометно натпреварување. И нивните пулени, Хорачек и Новотни во Полска не нè упропастија првпат, и со тоа ги срушија сите наши надежи и соништа.
 
И пред една година во Осијек, истиот тој чувен Драган Начевски подло нè намести против Црна Гора, во соработка со црногорскиот функционер Пеѓа Бошковиќ и така ги исфрли од првенството актуелните светски вицешампионки. Неговиот брат Марјан Начевски не е ништо подобар кон нашите клубови и учесниците на регионалната лига. СЕХА Јужен тек лигата сериозно е загрозена од нивните приватни комбинации и тезгарења и оправдано се поставува прашањето на постоење на таква лига.
 
Зарем Драган Начевски може да ги делегира судиите на македонската репрезентација и тоа на повеќе месеци пред почетокот на ЕП, знаејќи на кој да му ја додели домашната задача. Има ли некој во таа ракометна Европа да види веќе еднаш каква штета нанесуваат браќата Начевски. Нашите момци засекогаш ќе бидат победници, а браќата Начевски некои кои веќе никогаш не сакаме да ги видиме на дуелите на нашите клубови и репрезентации. Срам да им е за кражбата во Краков“, стои во соопштението потпишано од Синиша Лазиќ, потпретседателот на Ракометниот сојуз на Србија.
Главни поплаки во српските медиуми се дека Србија имала 6 исклучувања, од кои две во последните 10 минути, а Македонија едно исклучување во првото полувреме. Од друга страна постојат и коментари кои зборуваат за очајната работа на ракометниот сојуз на Србија поради што главните репрезентативки и репрезентатвици не играат за националниот тим.