Металург загуби но го изнамачи дрим тимот на ПСЖ

Составот на Лино Червар одигра фантастичен натпревар на тешкото гостување од ЛШ во Париз. Металурзите притиснаа и не се предадоа во вториот дел во кој успеаа да направат и пресврт, но на крајот забележаа достоен пораз од 32:29.

Моќниот состав на ПСЖ фуриозно го стартуваше првиот меч од Лигата на шампионите во новата година, а Металурзите во првите десетина минута беа во шок откако на семафорот стоеше висока предност за домаќините од 9:2.

Лино Червар успеа да го консолидира својот состав кој се врати резултатски во игра и почна да ја топи високата предност на Парижаните. Мечот почна да станува понеизвесен кога по 20 минута игра тимот од Автокоманда намали на -3, а домаќините на паузата имаа водство од 16:12.

Ракометарите на Металург вториот дел од мечот го стартуваа во сосема поинакво светло за разлика од воведните 30 минути. Второто полувреме со гол го отвори Ванчо Димовски, а Металург го направи мечот уште понеизвесен откако за прв стигна и до само -1 за резултат 20:19.

Првата шанса за нерешен резултат ја имаше Ренато Вугринец, но не успеа да реализира од 7 метри. Парижаните вратија, но одличниот Филип Миркуловски врати дрско и му покажа на најскапиот состав во историјата на ракометот дека Металург нема лесно да се предаде.

Најжестоко на паркетот беше во 50 минута кога Металурзите за прв пат стигнаа и до реми, а откако на домаќините им се случија две исклучувања и останаа со четворица играчи, Гоце Георгиевски ја затиша публиката со пресврт.

Првото водство на нашиот состав не траеше долго. Откако ПСЖ го комплетираше составот работите во свои раце ги превзема незапирливиот Хансен со два гола во низа за повторно водство од гол разлика.

Избраниците на Червар продолжија борбено, но немаа сили за сензација во финишот. ПСЖ на крајот триумфираше со 32:29 и се издвои на втората позиција во групата со 3 бода повеќе од Металург.

Најпрецизни на мечот беа Вугринец и Георгиевски со по 6 погодоци, а одлична партија имаа и Миркуловски и Циндриќ кои постигнаа по 5 гола.

8 февруари 2014 - 19:37